Американската агенција за храна и лекови (ФДА) го одобри лекот на АстраЗенека во борбата против Ковид-19, наречен Евушелд.
Тоа е коктел од антитела што ја спречува инфекцијата на лицата со ослабен имунитет и оние кои имале силни несакани ефекти од вакцинацијата.
Лекот е одобрен само за возрасни и адолесценти кои досега не биле заразени, ниту пак биле во контакт со заразените.
Вакцината АстраЗенека сè уште не е одобрена во САД.
Како што пренесува „Гласот на Америка“, истражувањата покажале дека лекот Евушелд ја спречува инфекцијата со Ковид-19 и манифестирањето на симптомите во 77 отсто од случаите.
Предвидено е лекот да се дава во две инјекции, а заштитата трае од седум месеци до една година.
-Иако вакцините се најефикасна заштита од корона, на луѓето со ослабен имунитет и на оние кои лошо реагирале на вакцините им треба алтернатива, рече една од директорките на ФДА, Патриција Кавазони.
Сепак, ФДА додаде дека лекот на АстраЗенека не е замена за вакцинација на луѓето, на кои им се препорачува да се имунизираат.
Коктелот со антитела може да спречи, во раните фази, развој на тешка клиничка слика од Ковид-19.
Слични лекови веќе произведуваат „Eli Lily“, „Regeneron“ и „Glaxo Smith Kline“.