Лидерот на ДУИ Али Ахмети на својот фејсбук – профил објави дека веќе нема законски пречки за изградба на коридорите 8 и 10 и оцени дека „националниот прстен Тирана – Скопје – Приштина, многу скоро ќе биде реалност.
„Со задоволство ја споделувам одличната вест дека за Коридорот 8 и Коридорот 10 веќе нема никакви законски пречки на патот до нивна реализација. Уставниот суд ја донесе конечната пресуда за правната исправност на постапката за реализација на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на државата со познатата градежна компанија Бехтел – Енка.Прстенот на нацијата Тирана – Скопје – Приштина, многу наскоро реалност“, напиша Ахмети и сподели илустрација на својата фејсбук објава.
Уставниот суд пресуди во корист на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ и не поведе постапка за оценување на уставноста на специјалниот Закон за изградба без тендер на автопатите од Коридорите 8 и 10.
Инаку, Собранието по скратена постапка донесе закон, со кој е утврдено конзорциумот „Бехтел-Енка“ да ја изгради делницата Тетово – Гостивар – Букојчани, проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан и делница на автопатот Прилеп – Битола.
Но, Државната антикорупциска комисија оцени дека со овој закон се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар за тоа кој да ги гради автопатските делници, бидејќи не се предвидува тендерска постапка.
Затоа, антикорупционерите побараа да се поништи и стопира неговата примена, бидејќи, според нив, постои висок ризик на корупција, меѓутоа Уставниот суд ја отфрли нивната иницијатива.