Добивме уверување и ветување дека законот за недела како неработен ден ќе биде изгласан уште следната недела и ќе важи од 1 јануари. Што се однесува до минималната плата, и тоа предложено законско решение нема да го бојкотираат, само се плашат да не се стави некој амандман, бидејќи не сите пратеници го поддржаа покачувањето на платите, па така и на минималната., кажа на денешниот протест претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Димовски, испрати порака до пратениците во Собранието, дека не може вторпат да не го усвојат законското решение за недела неработен ден.
– Деведесет и два проценти од работниците денеска требаше да одмораат, а останатите осум отсто да земат минимум зголемена дневница од 50 проценти. Затоа ги повикувам веднаш да влезат во пратеничките клупи и да го изгласаат ова законско решение од кое ние работниците ќе имаме голем корист, порача Димовски.
Тој истакна дека минималната плата треба да изнесува 60 проценти од просечната плата, односно 18.000 денари.
ССМ бара усвојување на измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кои се прогласува недела за ден на неделен одмор согласно договореното на Економскиот – социјален Совет по пат на социјален дијалог, измена и дополнување на Законот за минимална плата со која ќе се спречи минималната плата да изнесува под 60 проценти од просечната плата, односно таа да се зголеми најмалку на 18.000,00 денари и да се предвиди решение со кое и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата, како и потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор и Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.