Путин: Распадот на Русија би бил многу покрвав отколку во поранешна Југославија

од Берта Китинска
310 прегледи

Во случај на распад на Русија, последиците би биле многу подраматични и покрвави отколку во поранешна Југославија, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.

„Дефинитивно може да се каже дека би се чувствувале многу лошо, би се бореле да преживееме, наместо да го зголемуваме наталитетот. Трагичниот пример на Југославија покажува дека, ако го поминевме истото, и знаејќи го менталитетот на нашиот народ и не само на руските, туку и на сите народи кои живеат во Русија, конфликтите би биле многу поопасни и покрвави отколку во Југославија“, кажа Путин.

Тој додаде дека имало бројни надворешни притисоци врз Русија во текот на 1990-тите и дека земјата изгубила добар дел од нејзиниот суверенитет во тоа време.

„Имаше многу инструменти на притисок, Русија беше прилично слаба, зависеше од различни финансиски инструменти и механизми, политички и внатрешни.

„Може да се каже со жалење дека Русија тогаш изгуби поголем дел од својот суверенитет“, рече Путин.

Путин потсети на ситуацијата во 1999 година кога беше премиер.

„Што се однесува до губењето на суверенитетот, го видов кога бев премиер во 1999 година, кога по почетокот на нашите борбени операции во Северен Кавказ, мисијата на Меѓународниот монетарен фонд побара да ги прекинеме операциите“, откри Путин.

Тој додаде дека прашал каква врска има ММФ со операциите во Северен Кавказ и му било кажано дека тоа ќе има негативно влијание врз економијата.

„Тврдевме дека ја зајакнавме нашата државност и затоа создадовме можност за поефикасна работа во економската сфера, но нашите аргументи беа игнорирани“, рече Путин.

Слични содржини