Нашите капацитети како држава за чистење снег се ограничени, но после 25 години, пред неколку дена првпат се набавани 15 возила со снежен плуг и солар, со што е подновен возниот парк на ЈП за одржување на магистралните и регионални патишта. Исто така се набавени и три машини таканаречени утоварувачи коишто се користат при чистење на снег, кажа директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов кој упати апел до граѓаните да ја следат временската прогноза и да избегнуваат да одат на повисоките места доколку се најавени обилни врнежи на снег.
-Дел од возилата на ЈП за одржување на патиштата се застарени, некои се расипуваат на лице место, доаѓа до дефекти и тие застануваат чистејќи го снегот, потоа таму треба да биде испратена екипа која ќе ги поправи тие возила, наведе Ангелов.
Тој додаде дека, од друга страна, граѓаните мора да бидат свесни дека ниту една дружава, па дури ни најмоќните држави на светот, не можат одеднаш да ги исчистат сите патишта, особено кога снегот постојано паѓа.
– Затоа и самите граѓани во овој зимски период треба да ја следат временската прогноза и доколку се очекуваат силни врнежи на снег да се избегнуваат повисоките места, кадешто снегот секогаш прави проблеми. Доколку било кој граѓанин на државата се најде во животнозагрозувачка состојба, од било кои причини слободно може да го побара бројот 195.Ние во согласност со нашите можности ќе преземем мерки, нагласи директорот на ЦУК.
Тој нагласи дека Центарот за управување со кризи ги прибира информациите од терен, ги обработува и ги координира надлежните субјекти, но овие информации, како то посочи, ние не ги собираме со наши сили туку на нас ни ги даваат надлежните институции.