Првиот заменик на Претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби вечерва истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се согласува во последните 100 дена од Владата на чело да застане премиер Албанец.
Според неговите зборови, договорот меѓу ДУИ и СДСМ е да има премиер Албанец 100 дена пред избори.
-Тоа е разговарано со Заев и Ахмети. Интересно е дека и Заев предвидел дека последните 100 денови на Владата ќе ги води премиер Албанец. За тоа е согласен и Димитар Ковачевски верувам. Е сега, да кажам дека и ВМРО-ДПМНЕ се согласни да има премиер Албанец. Oд партијата веќе разговараа со ДУИ, рече Груби во емисијата „Клик плус“.
Груби смета дека Заев ќе остане премиер се до средината на јануари, односно во зависност од преговорите со Бугарија, но исто така и од имплементацијата на новата реконструирана Влада.