По Дрисла и Лајка, ЈСП е третото по ред градско јавно претпријатие кое доби нов в.д. директор.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска го назначи Иван Илиевски за в.д. директор на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП), на местото на досегашниот директор Кристијан Чушков кој е разрешен од функцијата.
-Илиевски долги години работи на раководни позиции во Авто Мото Сојуз на Македонија и Македонија Сообраќај Америт. Во текот на својот професионален ангажман, работи и за развој на Центрите за обука на институции, како сертифициран инструктор на IRU Academy (Академија на Унијата за патен транспорт) за обука на Менаџери на транспортни компании, возачи во меѓународен патен транспорт и транспорт на опасни материи. Илиевски e член и на Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата на Град Скопје, стои во соопштението од градот Скопје.
ЈСП е особено значајно бидејќи Арсовска во својата изборна кампања вети воведување бесплатен автобуски превоз и набавка на нови 250 еколошки автобуси.
Арсовска, во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ најави можно распишување на референдум за тоа дали скопјани поддржуваат воведување на „Бас рапит транзит“ (БРТ) системот во јавниот превоз на главниот град или не.
„Референдумот е една од опциите за граѓаните да излезат и да одлучат. Не само за ова, ќе почнеме да го практикуваме и за други работи“,рече Арсовка .
БРТ системот или популарно наречен „автобуското метро“ беше еден од клучните проекти кои ги најавуваше и започна да ги спроведува претходната градска администрација на чело со Петре Шилегов.
За разлика од него, пак, Арсовска во кампањата за локалните избори најавуваше дека проблемите во градскиот сообраќај ќе ги решава со повеќе еко-автобуси и воведување нови линии. Едно од нејзините предизборни ветувања беше купување на 250 нови еко-автобуси како и воведување на бесплатен јавен превоз.
Во врска со бесплатниот превоз таа рече дека тоа ќе го спроведе во етапи.
-Бесплатниот превоз ќе биде воведуван во етапи. Процесот е веќе почнат со оптимизација на возниот ред. Дури и денеска да одлучиме Градот за наредна година да дотира цела сума за да има бесплатен превоз, нема да има ефикасност, бидејќи ќе се зголеми нагло бројот на граѓани ќе сакаат да го користат, нема капацитет и нема да биде ниту поквалитетен, ниту подобар.
За пензионерите секако е неопходно да имаат бесплатен превоз секој ден. Потоа да се изедначат категориите, и оние од приватните училишта и факултети да имаат бесплатен превоз и продолжуваме да се воведат и нови автобуси на брзи ленти. Во првите три месеци ќе се буџетира бесплатен превоз за пензионерите, рече Арсовска.