Маск продолжи да ги продава акциите на Tesla, собра 13 милијарди долари

од Vladimir Zorba
244 прегледи

Главниот извршен директор на Tesla, Елон Маск, продаде акции во компанијата за речиси 13 милијарди долари од почетокот на ноември, кога ги анкетираше своите следбеници на Твитер за да види дали може да го намали својот удел од 10 отсто во производителот на електрични автомобили.

Најбогатиот човек на планетата во понеделникот продаде уште 934.091 акција за 906 милиони долари, за да плати данок врз основа на опциите за акции, пренесе Ројтерс.

Опцијата за акции претставува привилегија на вработените во една компанија да ги купат акциите на компанијата по поповолна, однапред договорена цена, во одреден период или на одреден датум.

Маск, исто така, користел опции вчера за да купи 2,13 милиони акции по однапред одредена цена од 6,24 долари по акција, врз основа на пакетот надоместоци што фирмата му ги додели во 2012 година, според информациите од американската Комисија за хартии од вредност, објавени на Волстрит.

Акциите на Tesla паднаа за пет отсто во понеделникот на 966,41 долари.