Цените на нафтата оваа година започнаа со нешто под 50 долари за барел, пишува CNN Business.
Моментално се над 70 долари за барел, откако во октомври ги достигнаа највисоките нивоа во последните 7 години – 85 долари.
Затоа, не е изненадувачки што акциите на нафтените компании се меѓу најдобрите на американскиот пазар во 2021 година.
Devon Energy, која истражува нафта и гас, е компанија со најдобри резултати во индексот S & P500, додавајќи 180% од почетокот на годината до 13 декември.
Marathon Petroleum и Diamondback Energy објавија раст од над 100%, додека акциите на нафтените гиганти Apache и ConocoPhillips, исто така, речиси двојно се зголемија во вредност.
„Доколку цената на нафтата остане во опсег од 60 до 80 долари за барел, овие акции ќе продолжат да имаат добри резултати во 2022 година“, рече Анастасија Аморосо, главен инвестициски стратег во iCapital Network.
Гасните и нафтените гиганти не се единствените компании кои имаат добри резултати оваа година. Други големи победници вклучуваат Bath & Body Works, која додаде 145% на својата вредност откако L Brands се подели на две компании – Bath & Body Works и Victoria’s Secret.
Производителот на вакцини против Ковид-19 – Moderna, производителот на автомобили Ford и производителот на чипови Nvidia, исто така, забележуваат зголемувања што се речиси доволно за да се удвои нивната цена.
Секако, покрај добитниците, има и губитници, од кои повеќето се сопственици на казина и обложувалници. Penn National Gaming изгуби речиси половина од својата капитализација, додека Las Vegas Sands и Wynn Resorts забележаа пад од 37 и 22 проценти оваа година.
Акциите на Activision Blizzard паднаа за 35 отсто откако извршниот директор на компанијата беше обвинет за дискриминација и сексуално вознемирување, додека Take-Two Interactive и Electronic Arts паднаа за 20 отсто и 15 отсто во 2021 година, соодветно.
Акциите на ViacomCBS, Disney и Verizon (VZ) исто така се во „црвено“ за годинава.