НАСА за прв пат влезе во сончевата атмосфера: Монументален момент за соларната наука

од Vladimir Zorba
290 прегледи

Сончевата сонда „Паркер“ на НАСА стана првото вселенско летало што влезе во сончевата атмосфера, објави во вторникот американската вселенска агенција.

Сондата прелета низ Сончевата корона, горниот слој на атмосферата на нашата ѕвезда, собирајќи честички и податоци за магнетните полиња таму, соопшти НАСА, нарекувајќи ја пресвртницата „џиновски скок за соларната наука“.

„Допирањето на Сонцето со соларната сонда Паркер е монументален момент за соларната наука и навистина извонреден подвиг“, рече Томас Зурбухен од Канцеларијата за научни мисии на НАСА.

„Не само што оваа пресвртница ни дава подлабок увид во еволуцијата на нашето Сонце и неговите ефекти врз нашиот Сончев систем, туку сè што учиме за нашата сопствена ѕвезда, исто така, не учи повеќе за ѕвездите во остатокот од универзумот“.

Вселенската агенција соопшти дека „Паркер“ ги нашол вистинските услови за да влезе во сончевата атмосфера на 18,8 сончеви радиуси (околу 1,3 милиони километри) над површината на Сонцето за време на неговиот осми сончев лет на 28 април, а поминувањето траело неколку часа.

„Очекувавме дека, порано или подоцна, ќе дојдеме до короната барем за кратко време“, рече Џастин Каспер, главен автор на новата статија објавена во „Physical Review Letters“.

„Но, многу е возбудливо што веќе го постигнавме тоа“, додаде тој.

Како што сондата продолжува да се приближува кон Сонцето, на крајот ќе се приближи до 8,86 сончеви радиуси од површината, соопшти НАСА.

Во својот следен прелет, кој се очекува во јануари 2022 година, вселенското летало „Паркер“ најверојатно повторно ќе помине низ короната, соопшти вселенската агенција.

Слични содржини