Арсовски: Замрзнувањето на цената на оризот е со ограничен рок за да се заштити стандардот на граѓаните

од Берта Китинска
237 прегледи

Мерката за замрзнување на цените на неколку основни прехранбени производи меѓу кои и оризот е донесена за да се заштити стандардот на граѓаните со тоа што ќе се превенира нагло зголемување на цените, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на Владата, Душко Арсовски.

-Оваа мерка е со ограничен рок до 31 јануари 2022 година. Инаку, Владата последните години покажа дека се грижи за оризопроизводителите и за поттик на производството. Субвенциите по обработлива површина со задолжително користење на семенски материјал од 12 илјади денари е зголемен двојно на 24 илјади, а за оние производители без задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал субвенциите се зголемени од 6 илјади на 18 илјади денари. Доставени се и картички за зелена нафта со цел да се помогне во намалувањето на производствените трошоци за земјоделска механизација, посочи Арсовски.

Владата донесе одлука да се замрзнат цените и на оризот, тестенините и јајцата до 31 јануари 2022 година, информираше министерот за економија Крешник Бектеши.

“На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе одлука за проширување на листата на производи за кои ќе важат цените кои се применувале на 1 декември 2021 година во трговијата на мало и на големо. Листата се проширува со 3 нови основни прехранбени производи: ориз, јајца и тестенини” , објави министерот Бектеши.

Слични содржини