На ден 12.12.2021 година до нас стигна пријава од загрижени граѓани за продажба на диво животно од видот лисица за 2800 денари и контакт телефон на „трговецот“, велат од здружението за заштита на животните, „Анима мунди“.
Во продолжение, ви ја пренесуваме нивната реакција во целост.
– Животното на сликата како што можете да видите е во ужасна состојба, измачувано, видно повредено и облеано во крв, изврзано со два метални ланци , стрес и страв кој не може, а да не се види во неговите очи. Веднаш постапивме и започнавме со пријавување до надлежните институции: Ловен инспекторат надлежен за законот за заштита на диви животни, Агенцијата за храна и ветеринарство надлежна за спроведување на Законот за заштита и благосостојба на животните, Министерството за внатрешни работи надлежни за Кривичниот закон.
Во сите пријави доставивме податоци за сторителот, адреса и телефонски број со надеж за брзо постапување со цел животното да се спаси, да го извлечеме живо.
Најбрз, но оскуден, одговор добивме од Агенцијата за храна и ветеринарство каде што тамошниот инспекторат надлежен за ваков случај нѐ упати до останатите две институции без никаква намера да постапи по пријавата, иако инспекторатот при оваа институција има право и надлежност да изврши инспекциски надзор, утврди дали пријавата е веродостојна и покрене постапка за санкционирање на сторителот со дополнителна надлежност да ги извести сите останати релевантни институции за истите да покренат постапка.
Во доцните часови и обесхрабрениот одговор од Агенцијата за храна и ветеринарство, со цел да ја извадиме лисицата жива, пробавме да стапиме во контакт со прилепската полициска станица – залудно – во Прилеп немате каде да се јавите ако итно ви е потребна полициска помош, затоа што телефонскиот број им е до ден денес недостапен.
Утрото, за наше големо жалење и огромна штета за фауната на нашата држава, добивме информација дека лисицата е веќе мртва. Еден прекрасен и несреќен живот угинал мачејќи се во сопствената крв заради суровоста на еден човек и неспособноста на ова бирократизирано општество и нефукнционални институции.
Ова е само еден свеж пример за трулоста на надлежните институции и процесите кои се однапред предодредени да минат низ бесконечен бирократски лавиринт и завршат без успех, кои се причина на недовербата и обезхрабреноста на граѓаните да превземат било што и пријавуваат. Животни и животи се трагично изгубени заради помош што не стигнала, или стигнала прекасно.
Сакаме да ве известиме дека како и досега ревноносно ке дадеме сѐ од себе за сите надлежни институции што не покренаа ниакква постапка да бидат пријавени. Лисицата, ова несреќно животно е само една од многуте жртви на недопирливите, незаинтересираните или неспособните институции. Во нејзино име, за спас на сите останати живи битија ќе се бориме за нивните права и конечна правда, стои во соопштението на „Анима мунди“.