Германскиот регулатор објави дека одлуката за „Северен тек 2“ нема да биде донесена во првата половина на 2022 година, пренесе агенцијата „Блумберг“.
Според медиумите, директорот на Федералната мрежна агенција на Германија, Јохан Хоман изјавил дека агенцијата не ја добила потребната документација за продолжување на процесот на сертификација на „Северен тек 2“ и дека процесот ќе продолжи кога ќе биде поднесена.
Според него, по одлуката на германскиот регулатор, прашањето ќе биде разгледано од Европската комисија, така што одлуката за „Северен тек 2“ нема да биде донесена во првата половина на следната година.
Во меѓувреме, Nord Stream 2 AG, операторот на гасоводот Nord Stream 2, рече дека работи на отворање подружница во Германија, бидејќи е неопходно да се заврши процесот на сертификација. Прес-службата на компанијата не соопшти детали и рокови за пуштање во употреба на гасоводот.
Претходно, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека Федералната мрежна агенција на Германија на 16 ноември ја суспендирала сертификацијата на операторот на „Северен тек 2“ – компанијата Nord strim 2 AG, бидејќи за да ја помине процедурата, мора да ги исполни барањата од Третиот енергетски пакет на ЕУ. Поточно, станува збор за одвојување на организации кои се занимаваат со производство и транспорт на гас.
Новиот шеф на германската дипломатија изјави дека гасоводот „Северен тек 2“ засега не е во согласност со европските закони и затоа сега не може да се одобри.
Сертификацијата, инаку, се одвива во две фази: прво германскиот регулатор ќе подготви решение, а потоа ќе го оценува Европската комисија. Целиот процес може да трае неколку месеци.
Берлин веќе го добил целиот пакет потребни документи од Москва. Меѓутоа, кон средината на ноември, германскиот регулатор ја суспендираше процедурата за сертификација на гасоводот и му препорача на операторот да отвори филијала во Германија, која ќе треба да достави комплетен пакет документи за сертификација.