Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) до Министерството за труд и социјална политика и Координаторите на пратеничките групи во Собранието достави Предлог за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата со кој предлагаме Минималната плата во бруто износ започнувајќи од месец јануари 2022 година да изнесува 26.476,00 денари или во нето износ 18.000,00 денари, а висината на минималната плата да не може да биде пониска од 60% од просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во последните три месеци, а објавена од Државен завод за статистика.
„Предлагаме и платите на сите работниците да се усогласуваат со порастот на минималната плата согласно измените и дополнувањата на Законот за минимална плата кои сме ги предложиле, согласно Закон и колективен договор со што спирално ќе се зголемат платите на останатите работници.
Покачувањето на минималната плата од нејзиното воведување по предлог на ССМ, до денес немало негативен ефект врз фирмите и државата. Тоа не довело до отпуштање на работници, ниту до кратење на нивните плати. Довело само до повисока продуктивност, поради поголемата мотивација на работниците.
Минималната плата спречува работниците да добиваат многу ниска плата и да живеат во сиромаштија, а очекувањата на работниците од пратениците се да работат во интерес на оние кои што ги бираат, а Сојузот на синдикатите на Македонија ќе продолжи со подготовките преку штрајкувачките одбори и во зависност од резултатите и брзината на преговорите помеѓу ССМ, Собранието, работодавачите и Владата, а доколку нема резултат ССМ ќе повика на Генерален Штрајк кој ќе продолжи преку изразување на разни форми на изразување на работничкото незадоволство и синдикален притисок“, велат од ССМ.