Велковска: Невозможен е квалитетен живот на граѓаните со нивото на корупција и распад на институциите каков што имаме

од Vladimir Zorba
834 прегледи

Во моментов се обидуваме максимално да ја искористиме отвореноста за соработка и одржуваме интензивни состаноци со Градот со цел реализирање на предлозите кои ги усвоивме на Граѓанскиот буџетски форум – добар дел од нив се предлози кои се појавиле и на МојГрад. Наскоро се надеваме дека ќе објавиме и новина поврзана со улогата на МојГрад во процесот на носење на одлуките во Скопје. Граѓаните се најнезадоволни од отсуството на услуги и институции. Сакаат да живеат квалитетен живот, а тоа е невозможно со тоа ниво на корупција и распад на институциите какво што имаме, вели Драгана Велковска од „Зелен Хуман Град“ во интервју за „Локално“.

Од она што видела по влегувањето во Советот на Град Скопје, вели дека „главната разлика меѓу двете најголеми партии ДПМНЕ и СДСМ е времето поминато на власт“.

– Затоа со децении или тапкаме во место или се враќаме назад, зашто на избори единствено што се менува е името на партијата, а политиките и практиките остануваат безмалку исти. Дефакторизирањето на секоја партија која со години е на власт оди во прилог на политичкиот плурализам, но од гледна точка на обичниот човек тоа е добро само кога тие кои ќе дојдат на нивно место навистина ќе се борат за подобар живот на сите, смета активистката.

Во поглед на претстојниот ГУП на Скопје, според неа, прво нешто што мора да се заврши, а што е и законска обврска, се Зелениот катастар и Стратегијата за развој на зеленило.

– Да се мапира и да се заштити зеленилото, а потоа да се создаде мултидисциплинарен тим во кој ќе бидат вклучени и социолози, психолози, дефектолози со цел да се осигураме дека ГУП на Скопје ќе се заснова на консолидирани соседства, посочува Велковска.

За борбата помеѓу активистите од една страна и жителите на Ново Маало и инвеститорите од друга страна за земјиштето спроти Холидеј Ин, вели дека „решавањето на проблемот е многу едноставно“: „Советот на Општина Центар да усвои суспензија на деталниот урбанистички план. Паралелно да се води темелна, професионална истрага и неселективно да се казнат сите кои злоупотребиле службена положба. Казните мора да бидат ригорозни и високи за да биде тоа пример за секој следен што ќе помисли да држи луѓе како заложници за да може урбанистичката мафија да им се појави како спасител и да профитира од нивната мака. И секако, обесштетување на луѓето кои имаат свои имоти таму“.

Како го коментирате резултатот кој „Зелен Хуман Град“ го остварија на минатите локални избори? Освоивте околу 9.000 гласови…

– Резултатот е добар со оглед на нивото на недоверба и разочараност кај гласачите. Секако ние очекувавме повеќе и иако до некаде ги разбирам луѓето, сепак, не можам да разберам целосно откажување. Ако се откажеме, тогаш битката е сигурно изгубена. Најдобро знам дека нималку не е лесно да се бориш кога сè е толку безнадежно, меѓутоа исто така знам дека (про)активните граѓани се единствениот гарант за напредок на општествата. Луѓето, не само нашите гласачи, полагаат огромна надеж во нас и нашата одговорност е огромна. Затоа, се бориме за хумано урбанистичко планирање односно градови за луѓе пристапни за лицата со попреченост, „brownfield“ инвестиции како што се Купрум и Домче, визија нула во сообраќајот со давање приоритет на пешаците и велосипедистите, енергетска независност со зелени инвестиции во фотоволтаични системи, паметно управување со отпадот и создавање вредност од него, одржлив и праведен локален економски развој, зелени работни места, заштита на животните.

Со носењето на Генералниот урбанистички план (ГУП) во претстојниот мандат ние ќе знаеме дали ќе имаме или ќе немаме град, рековте непосредно пред локалните избори. Кои прашања сметате итно да ги адресирате за решавање по влегувањето во Советот на Град Скопје заедно со Јовановски?

– Во поглед на претстојниот ГУП на Скопје прво нешто што мора да се заврши, а што е и законска обврска, се Зелениот катастар и Стратегијата за развој на зеленило. Да се мапира и да се заштити зеленилото, а потоа да се создаде мултидисциплинарен тим во кој ќе бидат вклучени и социолози, психолози, дефектолози со цел да се осигураме дека ГУП на Скопје ќе се заснова на консолидирани соседства – тоа значи покрај објектите за домување во пешачко растојание да ги има сите содржини неопходни за квалитетен живот – градинка, училиште, амбуланта, детско игралиште, спортски терен, парк за миленици, објекти од областа на културата, урбани градини, биокомпостара, пазар, итн. ГУП на Скопје мора да биде балансиран климатски неутрален план кој ќе се заснова на точни и современи податоци за да може да ни биде главното оружје против климатската криза и една од главните алатки со кои ќе си обезбедиме праведен и одржлив развој на Скопје.

Останати важни прашања се револуционеризирање на третманот на отпадот преку поставување биокомпостари во сите десет скопски општини и воведување ефективен систем за селекција и понатамошен третман на селектираниот отпад; доследно спроведување на стратегијата залови-стерилизирај-вакцинирај-врати за конечно трајно и хумано да го затвориме прашањето со бездомните животни; и зелените инвестиции во фотоволтаични системи и централи како и комплетирање на велоинфраструктурата која мора да биде безбедна и пристапна.

Го оправдувате ли ставот за обединување во Град Скопје меѓу партии од опозицијата, кои претходно најавуваа дека нема да коалицираат, само за да го срушат веќе поранешното раководство? Мислите ли дека граѓаните се чуствуваат измамени поради ова однесување во стилот „целта ги оправдува средствата“?

– Власта мора редовно да се менува. Колку поредовно се менува, толку е подобро за обичниот човек. Од она што го видов во Советот на Град Скопје, главната разлика меѓу двете најголеми партии ДПМНЕ и СДСМ е времето поминато на власт. Затоа со децении или тапкаме во место или се враќаме назад, зашто на избори единствено што се менува е името на партијата, а политиките и практиките остануваат безмалку исти. Дефакторизирањето на секоја партија која со години е на власт оди во прилог на политичкиот плурализам, но од гледна точка на обичниот човек тоа е добро само кога тие кои ќе дојдат на нивно место навистина ќе се борат за подобар живот на сите.

Како се чувствуваат граѓаните кои се гласачи на партиите за кои прашувате не би можела да кажам, преобемните ангажмани не ми дозволуваат да ги следам дискусиите на социјалните мрежи.

Како ќе се одвива остварувањето на предлозите кои ги добивате преку платформата МојГрад.мк? Од што граѓаните се најнезадоволни?

– Во моментов се обидуваме максимално да ја искористиме отвореноста за соработка и одржуваме интензивни состаноци со Градот со цел реализирање на предлозите кои ги усвоивме на Граѓанскиот буџетски форум – добар дел од нив се предлози кои се појавиле и на МојГрад. Наскоро се надеваме дека ќе објавиме и новина поврзана со улогата на МојГрад во процесот на носење на одлуките во Скопје.

Граѓаните се најнезадоволни од отсуството на услуги и институции. Сакаат да живеат квалитетен живот, а тоа е невозможно со тоа ниво на корупција и распад на институциите какво што имаме.

Затоа, нашата цел е најпрво да обезбедиме што повеќе граѓански предлози за одржлив и праведен развој на Скопје да влезат во буџетот за 2022 г., а потоа да им обезбедиме на граѓаните канал преку кој ефективно ќе може да си ги остваруваат своите права.

Продолжува борбата за просторот спроти Холидеј Ин – како со властите, така и со граѓаните од Ново Маало кои сакаат, како што велат, „човечки услови за живеење“. Каде вие го гледате решението на проблемот и за двете страни?

-Решавањето на проблемот е многу едноставно: Советот на Општина Центар да усвои суспензија на деталниот урбанистички план. Паралелно да се води темелна, професионална истрага и неселективно да се казнат сите кои злоупотребиле службена положба. Казните мора да бидат ригорозни и високи за да биде тоа пример за секој следен што ќе помисли да држи луѓе како заложници за да може урбанистичката мафија да им се појави како спасител и да профитира од нивната мака. И секако, обесштетување на луѓето кои имаат свои имоти таму.

„Да беа вистински активисти, ќе застанеа зад правдата, а не да вршат неоснован притисок заради своите политички интереси да се прикажуваат како некакви спасители. Апсолутно нема ништо издржано во нивните барања и бараме итно да престанат“, велат граѓаните на Ново маало. „Држи ли вода“ нивното тврдење?

– Ние стоиме зад правдата. Затоа и стоиме против нехумано и незаконско урбанистичко планирање. Утре ќе има други новомаалци, други луѓе што ќе бидат заложнички држени во нехумани услови со децении од урбанистичката мафија само за да може да бидат доведени до безизлез и принудени да ја гледаат мафијата како спасител.

Знам дека е тешко за некој во крајно неповолна ситуација да мисли за некој друг освен за себе, ама, ерозијата на системот и допуштањето на вакви лоши преседани порано или подоцна има последици врз сите нас зашто сите сме во истиот автобус!

Често ја споменувате борбата со градежната мафија во своите настапи. Како планирате да ја запрете бетонизацијата на Градот? Скопје продолжува да се шири се чини непропорционално, зеленило има се помалку…

– Најпрво со ГУП на Скопје, а потоа и во соработка со независните советници во општините при носењето на деталните урбанистички планови, но и со граѓаните кои сè почесто почнуваат да се самоорганизираат за да си ги зачуваат хуманите услови за живот. Бетонизацијата најпрвин се запира во фазата на планирање. Во мојата повеќегодишна борба како активистка за заштита на животна средина и животни сфатив дека ништо не е невозможно. Неопходна е само мала група на искрени луѓе кои посветено ќе работат за да спречат непочитување на законите.

Таков пример е успехот што за Охридскиот Регион го постигна Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, од која сум, исто така, дел. Благодарение на нашиот ангажман за првпат почнаа да се отстрануваат неплански уредените плажи, Регионот доби уште едно ниво на меѓународна заштита – Рамсарско подрачје, Студенчишко Блато доби привремена заштита и чека финално прогласување за заштитено подрачје, до сега успешно спречуваме изградба на марина во Студенчишта, се изработи План за управување со Охридскиот Регион и се работи на Студија за валоризација на Охридското Езеро и на Урбанистички план за крајбрежјето. Со сите овие постапки ѝ застанавме на патот на урбанистичката мафија и продолжуваме упорно напред за да се осигураме дека системските решенија кои сме придонеле да се воведат ќе останат и ќе се спроведуваат неселективно и понатаму.

Од минатото раководство на Градот често знаеја да се пофалат дека го намалиле загадувањето иако тоа е борба која не е „од денес за утре“. Каде вие и новото раководство ќе продолжите?

– Според единствената независна студија за извори на загадување на воздухот која постои, а која ја опфаќа и Македонија, загадувањето во Скопје доминантно доаѓа од индустријата, па потоа од затоплувањето на комерцијалните објекти и на домаќинствата. Оттука, напорите мора да се насочат на интензивирање и професионализирање на инспекциските надзори, а во отсуство на соодветен кадар – на поставување хипермрежа од локални мерни станици со кои многу лесно ќе може да се види од каде доаѓа загадувањето.

Понатаму, очекувам дека новото раководство во Градот ќе значи пресврт за Скопје. Очекувам дека ќе се реализираат предлозите на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за револуционеризирање на третманот на отпадот и дека Градот ќе се ориентира кон инвестирање во фотоволтаични системи најнапред на објектите под надлежност на Градот и првата фотонапонска централа во Скопје – со што од една страна ќе се елиминира загревањето на загадувачки горива, од друга страна ќе се обезбеди енергетска независност.

Минатата недела конечно „влеговте“ во Лајка, претпријатие за кое постојано обвинувавте дека работи криминално и дека не се грижи вистински за животните. Вистинските активисти и љубители на животните, знаевте да кажете, биле изоставени од целиот процес и раководењето, па како според вас треба да се „трансформира“ Лајка и дали ги задоволува потребите на Скопје?

– Најнапред самото име на прифатилиштето кажува дека луѓе кои се грижат за животни немале допирна точка со неговото основање. Сите ние активистите и љубителите на животни добро знаеме што значи „Лајка“ и никогаш не би дале такво несреќно име на претпријатие чијашто главна цел е хуман третман на животните.

Прифатилиштето нема доволен капацитет во смисла на слободни кафези за да може доследно да се спроведе стратегијата „залови-стерилизирај-вакцинирај-врати“. Според груби научни претпоставки за број на бездомни животни врз основа на бројот на жители, во Скопје (и периферијата) веројатно има над 6.000 бездомни кучиња. За да се спроведе доследно оваа стратегија и бројот да се стави под контрола, што подразбира оперирање на 75% од репродуктивно способните единки на територија на едно урбано подрачје во период од приближно 6 месеци, неопходен е дисперзиран третман и соработка со сите заинтересирани ветеринарни амбуланти на ниво на Скопје, а неопходни се и субвенции од Градот за да се поттикне стерилизација/кастрација на миленици.

За сега со новиот в.д. директор кој беше назначен на позицијата со поддршка од скопските активисти за заштита на животните, имаме коректна соработка и ги делиме истите заложби. Во синџирот на третман на бездомни животни нема одговорност само локалната самоуправа, туку и поврзани институции како што се Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за внатрешни работи. Неопходна е интензивна едукација за вдомување наспроти купување, регистрирање на милениците, нивна стерилизација/кастрација и ненапуштање. Секој што напуштил миленик мора да биде неселективно казнуван и сечиј миленик мора да биде регистриран за да се знае кој треба да се казни.

Со осврнувањето на сите овие аспекти во претстојниот период за многу кратко време ќе видиме драстично различна слика на улиците на Скопје. Очекувам градското прифатилиште да биде пример како треба да функционира едно градско претпријатие водено од професионален кадар кој е искрено посветен на конечно и хумано решавање на прашањето на бездомните животни.

В.З.

Слични содржини