Легендарниот бразилски фудбалер Роналдо стана сопственик на 90 отсто од акциите на Крузеиро, клубот во кој ја започна кариерата, а за мнозинскиот пакет акции плати 70 милиони долари.
– Мој ред е да се обидам да помогнам. Не како херој, не со супермоќи сам да ја менувам реалноста, туку со голема одговорност. Со интелигентно и одржливо управување за среднорочен и долгорочен раст, изјави синоќа Роналдо.
Некогаш најдобриот играч на светот, дебитираше за Крузеиро на 16 години и постигна 12 гола на 14 натпревари.
Крузеиро четири пати беше шампион на Бразил, два пати го освои Копа Либертадорес, а моментално се натпреварува во втората лига.
Роналдо е сопственик и на шпанскиот второлигаш Ваљадолид.