Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, придружувана од министерот за животна средина Насер Нуредини, министерката за образование и наука Мила Царовска, градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски и директорката на организацијата Еко-свест Ана Чоловиќ Лешоска, денес го посетија основното училиште „Мирче Ацев” во Скопје, при што им беше презентирана имплементацијата на GLOBE програмата во училиштето и примената на донираната опрема. Оваа фаза проектот, што во Република Северна Македонија се реализира од 1998 г., е финансиски поддржана од амбасадата на САД во Скопје, а се реализира преку Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест.
ОУ „Мирче Ацев” во Скопје е едно од 27-те основни и средни училишта од државата што добија соодветна техничка опрема и се стекнаа со практична обука и вештини за испитувањa и мерење на квалитетот на атмосферскиот воздух, водите и почвата.
Во специфични услови на КОВИД-19 пандемијата, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за образование, со финансисика поддршка на Амбасадата на САД преку организацијата Еко-свест, по повод 22 април, Денот на планетата Земја, организираа GLOBE онлајн обука за професорите од Северна Македонија, Хрватска, Словенија и Црна Гора, која не само што ги обнови напорите за продолжување на имплементација на Програмата и нејзино регионално проширување во специфични услови, туку им овозможи на нововклучените професори да се обучат за спроведување на активностите од програмата, а професорите што веќе имаа искуство да се запознаат за новите протоколи за нејзино успешно имплементирање.
Еко-свест, во партнерски однос со МЖСПП и МОН во изминатите 6 месеци помогна 27 основни и средни училишта од државата да добијат соодветна техничка опрема финансирана од Амбасадата на САД a дел од училиштата да се оспособат за вршење на испитувањa, набљудувања и мерења пет главни области на истражување: атмосфера, биосфера, хидросфера, педосфера и Земјата како систем.
Со спроведените обуки и донираната техничка опрема која се состои од метеоролошки куќички, барометри и термометри, ПХ мерачи и хемиски реагенси учениците водени од своите наставници ќе можат да учат за состојбите во животната средина, преку мерење и следење на еколошките параметри, нивна анализа и споредување со мерењата од другите училишта од GLOBE мрежата.
Кон развојот на ваквите практични програми многу придонесоа и заложбите на Министерството за образование и наука и на Владата за поттикнување и развивање на критичкото мислење и свесноста за климатските промени и животната средина кај децата и младите. Резултатите се веќе видливи во пракса, бидејќи се дел и од реформските процеси кои започнаа од оваа учебна година во основното образование и се дел од новата Концепција. Покрај промените во наставните програми, МОН прави промени и во подобрувањето на условите за настава во училиштата, кои се од најголем интерес за учениците. За да се доближи материјалот по природни науки и да биде интересен и полесно разбирлив за учениците, МОН инвестираше во 260, целосно нови кабинети по природни науки, бидејќи тие најдобро се изучуваат преку експериментирање и истражување. ОУ„Мирче Ацев” е едно од тие училишта.
Посебноста на Програмата GLOBE е што секое од вклучените училишта добива свои координати со кои се впишува како мерно место во светската мапа на GLOBE училишта, во која досега се вклучени повеќе од 120 земји со над 37 000 училишта, обучени околу 40 000 GLOBE тренери и околу 183 милиони внесени податоци. Од таа причина оваа програма има бенефит за учениците, за професорите и научниците.
Програмата ГЛОБЕ е на НАСА (американска Национална агенција за атмосфера и вселенска асоцијација), а партнери за спроведување се Националната агенција за океани и атмосфера (НОАА), американската Национална фондација за наука и американскиот Стејт департмент.