Бугарија се противи на распоредувањето на силите на НАТО во земјата

од Nikola Popovski
253 прегледи

Бугарија не гледа потреба од распоредување војници на НАТО на своја територија како одговор на акумулацијата на руски војници во близина на границата со Украина, изјави бугарскиот министер за одбрана, Стефан Јанев, кој претходно беше технички премиер.

Јанев потврди дека во НАТО се разговара за различни опции за одговор, вклучително и воспоставување на воено присуство во Бугарија и Романија, црноморски членки на НАТО, како дел од неговата мисија „Зајакнато присуство на фронтот“.

„Тоа може да доведе до зголемени тензии во регионот. НАТО ја искористи таа мисија за распоредување воени сили во балтичките земји и во источна Полска. Мојот став е дека ваквата дебата, односно пристап може да доведе до непожелно зголемување на тензиите во регионот“, напиша Јанев на Фејсбук.

Тој потенцира дека засега нема причина акумулацијата на руски војници да се смета за директна закана за Алијансата и нејзината безбедносна зона.

„Во таа смисла, не верувам дека постојат неопходни околности кои можат да ја оправдаат одлуката за испраќање дополнителни војници на нашата територија“, напиша тој.

Јанев смета дека Бугарија, која се приклучи на НАТО во 2004 година, ќе продолжи да ја следи ситуацијата и дека е подготвена да го зголеми капацитетот на своите национални сили „во контекст на сојузничките капацитети за одвраќање и одбрана, доколку е потребно“.

Ова доаѓа откако Американците наводно предлагаат НАТО да испрати 1.500 војници во две балкански земји како одговор на акумулацијата на руски војници на украинската граница. Но, потфатот носи големи политички ризици, пишува германски „Шпигел“.

-Американскиот генерал Тод Д. Волтерс, задолжен за сојузничките сили во Европа, неодамна им предложил на своите колеги од НАТО зголемено присуство на војници во Бугарија и Романија, пишува „Шпигел“, повикувајќи се на извори од еден состанок, пренесува ДВ.

Слични содржини