Стопанствениците бараат законски измени и олеснување на процедурите за инсталирање на фотоволтаици за сопствено производство на електрична енeргија

од Vladimir Zorba
956 прегледи

Притиснати од зголемените трошоци за електрична енергија, стопанствениците бараат сопствени алтернативни решенија. Основен услов за да излезат што побезболно од енергетската криза според нив, е да се направат измени во Законот за енергетика и тоа во делот на поставување фотоволтаици. Како небулозни ги оценуваат одредени негови решенија, особено во делот на административните процедури поврзани со инсталирање на фотоволтаични централи за сопствено производство на електрична енергија и тоа на свое земјиште или на покрив. Апсурдно е со месеци да чекаме на согласности во услови на тешка енергетска криза во која за четири пати ни се зголеми цената на електричната енергија и се нарушија сите проекции во бизнис плановите на нашите компании, вели во разговор со локално.мк Горан Антевски од Раде Кончар-ТЕП.

Најголем проблем се дозволите. Бараме да се олеснат бирократските процедури и побрзо да добиваме дозволи за инсталирање и производство на електрична енергија преку фотоволтаични системи. За една од фабриките ни беа потребни четири месеци за да добијеме дозвола од општината за да поставиме фотоволтаици на покривот од погон за производство, а поставувањето на системот се заврши за само две недели. Енергијата од фотоволтаиците според Законот можам да ја користам само за сопствени потреби, а ако сакам произведениот вишок да го продадам на слободниот пазар или директно на ЕВН, за дозвола треба да чекам дополнителни 5-6 месеци иако овој вишок ЕВН како универзален снабдувач ќе го користи без надомест”, вели за Локално. мк директорот на Раде Кончар-ТЕП, Горан Антевски.

Дополнителен проблем според него е фактот што Законот во формата која е на сила, дозволува правните лица да инсталираат системи само на покрив од објект но не и на земја. Независно  дали земјиштето е предвидено за индустрија или станува збор за замјоделско земјиште, процедурите за пренамена се комплицирани и може да се каже неизводливи за инвестирање во вакви системи, објаснува Антевски. Од сите овие причини а користејчи ги искуствата од земјите од регионот, стопанствениците бараат да се укине ваквото ограничување и да се поедностави законската регулатива за вклучување во системот.

Поставувањето на фотоволтаици не е дозволено независно дали се работи за градежно или за земјоделско земјиште. Сакам инсталациите да ги поставам на мое слободно градежно земјиште а не само на покрив, но законот тоа не ми го дозволува“, вели Антевски и додава дека со ваковиот проблем се соочуваат и други стопанственици кои соочени со високите цени на светските берзи на  електрична енергија, бараат начин да ги намалат своите трошоци и да постават фотоволтаици со кои ќе се зголеми енергетската ефикасност и значително ќе придонесат во задоволување на дневните потреби со електрична енергија. Потенцирајќи ги бенефитите кои можат да бидат неколкукратно поголеми, Антевски вели дека доколку Законот се поедностави, стопанствениците ќе вложат сопствени средстава за изградба на фотоволтаични централи, енергијата ќе ја продаваат на слободниот пазар или ќе ја користат за сопствени потреби, со што ќе се заштедат пари за увоз на скапа енергија, ќе се заштити животната средина и ќе се овозможат нови вработувања и технолошки развој.

Цените на панелите за фотоволтаичните централи се на историско најниско ниво и ние бизнисмените не можеме да го разбереме во чиј интерес е да не се разгледува оваа проблематика и зошто во итна постапка не се менуваат ваквите штетни закони. Бизнисот бара од Владата итно и неодложно да се менуваат законите за добробит на граѓаните и економијата , а не да се калкулира за нечив интерес.Наместо бизнисмените да се грижат да производството и да менаџираат со секојдневните предизвици, губиме време, енергија и пари со чекање потписи на градоначалници.Законот треба под итно да претрпи измени“, заклучува Антевски.

Енергетските експерти сметаат дека на Македонија и е итно потребна долгорочна стратегија за економска и инвестициска политика во енергетиката без која земјата ќе остане енергетски зависна, а за увоз на електрична енергија ќе плаќа екстремно високи цени.

К.В.С.

Слични содржини