Сојузот на стопански комори се залага за раст на платите на вработените, но тој раст треба да биде последица на пазарни механизми, зголемена продуктивност на работната сила и на зголемена економска активност на бизнис секторот. Зголемување на платите како последица на политичка одлука ќе доведе до нарушување на ликвидноста на претпријатијата, раст на невработеноста и економска дестабилизација.
„Во креирањето на политиките на една земја треба да се водиме по здравата економска логика, бидејќи популизмот носи дестабилизација, нарушени економски односи и поделби во општеството. Како претставници на бизнис заедницата секогаш поддржуваме зголемувањето на платите, ако тоа е последица на пазарните механизми, зголемената продуктивност на работната сила и на зголемената економска активност на бизнис секторот. Како претставници на над 20.000 компании членови на Сојузот, имаме обврска да ја предупредиме пошироката јавноста за последиците од политички мотивирано покачување на минималната плата на 18.000 денари на и онака нефункционалниот пазар на труд“, истакна Благоја Грозданов, член на Управен одбор на ССК.
Потсетуваме дека самиот Закон за минимална плата има вграден механизам согласно кој минималната плата се зголемува во март секоја година. Така согласно член 4 од Законот, исплатената висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со: една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Северна Македонија, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
„Оваа Влада пред само две години веќе еднаш направи политички мотивиран популистички бајпас на овој механизам, така што ја зголеми минималната плата на 14.500 денари, нето износ. Од низата негативни ефекти кои зголемувањето ќе ги предизвика, веројатно најголем е влијанието во насока на намалување на и онака ниската продуктивност на трудот кај нас. Да потсетиме, скоро и да нема релевантен извештај на меѓународните организации присутни кај нас а кој не предупредува за екстремно ниската продуктивност на трудот. Да потсетиме, скоро и да нема релевантен извештај на меѓународните организации присутни кај нас; а кој не предупредува за екстремно ниската продуктивност на трудот споредено со останатите земји “, изјави Грозданов.
Зголемувањето на минималната плата ќе влијае и на намалувањето на мотивацијата кај дел од вработените, особено оние кои до сега беа попродуктивни, бидејќи голем број на деловни субјекти, особено микро и малите ќе немаат можност за поставување на соодветни скалила на плати кои ќе кореспондираат со продуктивноста и перформансите на вработените. Растот на платите дополнително ќе ги зголеми трошоците на претпријатијата, кои во периодот и без оваа мерка бележат значителен раст. Зголемените трошоци може да доведат до зголемување на невработеноста, до го отежнат процес на отворањето на нови работни места но и до понатамошен раст на цените на производите и услугите кај нас. Минималната плата исто така ќе ги поттикне инфлаторните движења во македонската економија.
„Ако Владата е искрена во своите намери да помогне на бизнисот и граѓаните, треба да спроведе мерка со која ќе се намалат стапките на придонесите кои кај нас се на екстремно високо ниво. Кај нас ефективната стапка на придонеси на бруто плата изнесува околу 33 проценти, додека за споредба во Германија изнесува 27 проценти, Бугарија 19 проценти, Словенија 18 проценти, Хрватска 17 проценти. Оваа разлика реално е и поголема кога ќе се стави во однос со квалитетот на услугите кои се добиваат од државните фондови за пензиско и за здравствено осигурување. Треба и да се истакне дека на повисоко поставена минимална плата од 18.000 денари, вкупниот трошок за работодавачите, со вклучен данок на личен доход и придонеси би бил околу 27.000 денари, однос за околу 50 проценти повеќе од самата нето плата. Од земјите во регионот Црна Гора веќе најави даночна реформа во делот на намалување на придонeсите на плата“, истакна Александра Андреева, член на Управен одбор на ССК.
Ваквата ситуација на среден рок ќе води и кон зголемување на сивата економија и ќе ги принуди дел од работодавачите во борбата за гол опстанок повторно да ја воведат на праксата на „плата во плик“.