Влада за ставот на ССК: Зголемувањето на минималецот ќе има за цел подигање на работничките права

од Берта Китинска
265 прегледи

Aнгажманите на Владата на Република Северна Македонија се минималната плата да биде 18 000 денари што има за цел подигање, проширување на работничките права, истакна денеска портпаролот на Владата Мухамед Хоџа на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање за ставот на Сојузот на стопански комори дека мерката е популистичка и дека ќе влијае на дестабилзиација на пазарот на труд.

– Оваа одлука треба да се случи во иднина и е во насока на пораст на правата на работниците, порача Хоџа.

Зголемување на платите како последица на политичка одлука ќе доведе до нарушување на ликвидноста на претпријатијата, раст на невработеноста и економска дестабилизација, велат од ССК.

„Во креирањето на политиките на една земја треба да се водиме по здравата економска логика, бидејќи популизмот носи дестабилизација, нарушени економски односи и поделби во општеството. Како претставници на бизнис заедницата секогаш поддржуваме зголемувањето на платите, ако тоа е последица на пазарните механизми, зголемената продуктивност на работната сила и на зголемената економска активност на бизнис секторот. Како претставници на над 20.000 компании членови на Сојузот, имаме обврска да ја предупредиме пошироката јавноста за последиците од политички мотивирано покачување на минималната плата на 18.000 денари на и онака нефункционалниот пазар на труд“, истакна Благоја Грозданов, член на Управен одбор на ССК.

Потсетуваме дека самиот Закон за минимална плата има вграден механизам согласно кој минималната плата се зголемува во март секоја година. Така согласно член 4 од Законот, исплатената висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со: една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Северна Македонија, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Слични содржини