„Газпром“ предвидува просечна извозна цена на природниот гас во 2022 година од 296 долари за 1.000 кубни метри. Ова на средба со аналитичарите го соопшти заменик-претседателот на компанијата Фамил Садигов, пренесе „Интерфакс“.
Претходно компанијата објави дека буџетот на „Газпром“ за 2022 година е формиран врз основа на просечна извозна цена од 250 долари за 1.000 кубни метри, но реално очекуваат повеќе од 280 долари за 1.000 кубни метри.
„Досега имаме консензуална прогноза направена од многу аналитичари: во 2022-2024 година цените на гасот на светските берзи постепено ќе паѓаат во однос на сегашните рекордни нивоа, но ќе останат значително повисоки од претходно“, рече Садигов.
„Газпром“ претпочита „форвард“ (во финансиите, форвард договор или едноставно форвард е нестандардизиран договор помеѓу две страни за купување или продавање средство во одредено идно време по цена договорена во моментот на склучување на договорот, што го прави еден вид дериватен инструмент – н.з.) цени кога склучува нови договори“, им рече на инвеститорите Андреј Зотов, заменик-шеф на одделот за анализа и оптимизација на „Газпром експорт“.
Според него, во 2021 година во портфолиото на „Газпром“ 48,6% од извозните договори се „врзани“ за спот-пазарот (траат до 1 месец), 32,6% се форвард (долгорочни) и 18,8% од договорите се врзани за цените на нафтата. Оваа поделба „практично ја повторува структурата од 2020 година“.
Во исто време, „Газпром“ трет ден по ред не поднесе барање за резервација на капацитетот на полскиот дел од гасоводот „Јамал-Европа“, според резултатите од тендерот во специјализираната платформа ГСА.
Во претходните два дена, во одредени часови од денот, цените на природниот гас на спот-пазарот во Европа достигнаа историски рекорди, надминувајќи 2.000 долари за 1.000 кубни метри гас.