Големата годишна прес-конференција на претседателот на Русија, Владимир Путин, се одржа денеска во Москва и траеше вкупно три часа и 56 минути. Путин одговори на 55 прашања од новинари, меѓу кои имаше различни теми – коровирусот, гасот, Украина, НАТО, Алексеј Навални ….
НАТО
Новинарите го прашаа Путин дали може да вети дека Русија нема да напаѓа други нации.
„Постапките на Русија зависат од заканите со кои се соочува“, рече Путин.
Во моментов тој смета дека натамошното проширување на НАТО во Европа би било неприфатливо бидејќи тоа би ја загрозило националната безбедност на Русија. Тој истакна дека НАТО ја измами Русија кога вети дека нема да се шири кон руската граница, а на блокот е да одговори на руската загриженост.
„Овој став беше јасен како ден, но Западот се прави дека не го разбира. Нашите „партнери“ очигледно мислат дека Русија е преголема. Тоа е веројатно затоа што големите европски империи од минатото повеќе не постојат, а сега европските народи се мали“, рече тој.
Тој додаде дека Русија направи се што може за да стане пријател со Западот, откривајќи им ги своите нуклеарни тајни на западните претставници.
Русија сака да избегне конфликт со Украина и Западот, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
„Ова не е нашиот посакуван избор, ние не го сакаме“, рече Путин на годишната прес-конференција.
Анексијата на Крим
Путин се осврна и на тензиите со Украина и припојувањето на Крим кон неговата територија. Тој посочи дека тензијата со Украина датира од 2014 година, кога во таа земја се случи државен удар.
„Кремљ работеше со Јушченко (поранешен претседател на Украина), разговараше за гасот и беше подготвен да продолжи со понатамошната работа, но што се случи во 2014 година? Крвав пуч, изјави Путин, а пренесува „Спутник“.
Очигледно е дека, како што додава, незадоволството на граѓаните станало легитимно.
„Но, Јанукович се согласи со се, западните земји дадоа гаранции, сите се согласија. По ден-два – државен удар. Зошто? Нема одговори. Победата на опозицијата беше неизбежна“, рече Путин, пренесува Танјуг.
Меѓутоа, рускиот претседател се запраша зошто е тоа направено.
„Потоа се случи Крим – Русија не можеше да постапи поинаку и неволно да гледа што се случува во Украина и особено во Донбас. Бевме принудени да направиме нешто во 2014 година. Така настана кризата“, објасни претседателот на Русија.
https://www.youtube.com/watch?v=mS15nbFZHvc&feature=emb_title&ab_channel=RT
„Украина подготвува нова интервенција“
Рускиот лидер потсети дека украинските власти веќе двапати се обиделе да извршат офанзива во Донбас, која, како што тврди, завршила целосно неуспешно за Киев, пренесува руската агенција ТАС С.
„Имаме впечаток дека можеби се подготвуваат за третата воена операција и однапред не предупредуваат да не се мешаме, да не ги браниме овие луѓе (населението во Донбас) и дека доколку интервенираме и ги одбраниме, ќе следат нови санкции. Ова е првото сценарио на кое треба да реагираме“, рече Путин.
Второто сценарио, според него, вклучува општо создавање „анти-Русија“ на територијата на Украина „со постојано пумпање напредно оружје и перење на мозокот на населението“.
Путин рече и дека официјален Киев не ги спроведува договорите од Минск кои, како што тврди, се единствениот можен начин за решавање на конфликтот во Донбас.
Случајот Навални
Дописникот на Би-Би-Си го прашал Путин за Навални, но и за другите опозиционери кои биле цел на руските закони за регистрација на странски агенти. „Зарем владата не е загрижена дека тоа ќе доведе до неподготвеност и бунт слично на она што веќе се случило во руската историја?“, гласело прашањето, пренесува RT.
Зборувајќи за Навални, Путин рече дека станува збор за лице кое наводно било отруено, бидејќи, како што тврди, нема докази кои го потврдуваат труењето.
„Нема ниту еден. Предложивме наши експерти да дојдат таму, јас лично му понудив на претседателот на Франција, на канцеларот на Германија и ништо. Па, како го објаснувате ова? Ако нема што да се одговори, нема потреба да се зборува за тоа“, рече претседателот на Русија.
Обвинувања за рускиот гас
Новинарите го потсетија Путин дека „Гаспром“ е обвинет за монопол на пазарот и дека цената на гасот достигна апсолутен рекорд. Прашањето беше: Дали е виновен Гаспром?
„Секако дека не е. Тоа е обид повторно се да се преврти наопаку. Еден колега прашува што не го разбира Западот. Сите лажат затоа што намерно ги комплицираат работите. „Гаспром“ ги зголеми испораките за речиси 20% во странство и воопшто во Европа. Според мене, ова е единствената компанија која се однесува така“, рекол Путин, пренесува Спутник.
Во однос на обвинувањата дека Русија манипулира со испораките за да изврши притисок врз Европа, Путин рече дека тие „обвинувања едноставно не се точни“.
„Гаспром испорача се што беше потребно според постоечките договори. Во меѓувреме, американскиот снабдувач на ЛНГ го напушти европскиот пазар и ги испорача своите производи на пазарот во Латинска Америка, каде што цените беа повисоки“, рече тој.
Тој посочи дека и други фактори околу оваа криза, вклучувајќи ја студената зима, недостатокот на „зелена“ енергија, европските напори за затворање на производителите на енергија базирани на јаглеводороди и така натаму, пренесува RT.
„Европејците го отфрлија повикот на Русија за долгорочни договори за снабдување и ја обвинија Русија дека се обидува да го преземе пазарот“, рече Путин.