Груба лага и манипулација се врши од страна на ВМРО ДПМНЕ со денови наназад, кои преку прес-конференции изнесуваат невистини, велат од Агенцијата за управување со одземен имот преку соопштение.
Според нив, на денешната прес-конференција ВМРО ДПМНЕ изнесе лага дека на сметката на АД Славија во моментов има над 100 000 евра.
-Во сите изводи извадени од АД Славија, кои ви ги обезбедуваме во прилог, моментално има 1 167 315,00 мкд или 18 919 евра кои се користат за исплата на режиски трошоци и плати. Манипулацијата на денешниот портпарол, се состои во тоа што ја прикажуваат приходната а не и расходната страна на АД Славија. Дополнителна лага беше изјавата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во која тврдеше дека АД Славија имала годишен профит од 800 000 евра. АД Славија минатата година во својата завршна сметка, годината 2020 ја има завршено со минус 718 849,00 мкд (11 689 евра). Приходите кои ги остварува АД Славија се користат воглавно за подмирување на плати и придонеси, како и за режиски трошоци, велат од Агенцијата.
Од таму додаваат дека ВМРО ДПМНЕ се уште и должи одговори на јавноста, како ги раскрчми најатрактивните локации на АД Славија, тајно и зад затворени врати скриени од јавноста, по ниски цени.
-Ги повикуваме ВМРО ДПМНЕ да и одговорат на јавноста, кому и по кои цени го распродадоа над 70% од имотот на АД Славија и со тоа ја обезвредија без да ги намират долговите кон сите вработени. Во деновите што следат ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да одговори и други прашања кои произлегуваат од фактите до кои дојде Агенцијата анализирајќи ја документацијата на АД Славија, а за кои ќе ја известиме јавноста многу наскоро, стои во соопштението.