Знам сигурно една работа што ќе се случи, а тоа е дека за граѓаните ќе обезбедиме доволно електрична енергија, не само во јануари, туку и понатаму, што значи дека потребите за електрична енергија нема да се загрозат. Тоа значи дека нема да има рестрикции. Тоа можам да го гарантирам, вели вицепремиерот за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи во интервју за МИА.
За иницијативата „Отворен Балкан“ нагласува дека е направен голем исчекор со потпишувањето на договорите во Тирана, со кои меѓу другото се овозможува мобилност на работната сила меѓу трите држави. Тој верува дека проектот „Отворен Балкан“ е остварлив и дека заедно како регион може да отвориме поголеми можности за сите отколку сами. Битиќи се надева дека наскоро и останатите држави од Западен Балкан ќе се приклучат на иницијативата.
– Иницијативите никако не се замена за Европската унија, тие никако не можат да бидат замена затоа што четирите основни вредности на ЕУ или живеат во нас или не живеат. Ако денес не зборуваме за мобилност на луѓето, кога тоа ќе го докажаме, кога ќе влеземе во ЕУ? Тогаш ќе биде доцна. Јас стравувам дека кога тоа ќе сакаме да го направиме после пет, десет или 15 години, дека тогаш ќе нема за кого тоа да го направиме затоа што сите со отворен вид ќе не напуштат, бидејќи сме биле крути во нашите размислувања да креираме подобра визија и можности за нашите деца. Затоа велам не е битна иницијатицата, дајте да зборуваме за целите. Која е клучната цел што сакаме да ја постигнеме и што е тоа што сакаме да им дадеме на нашите деца, истакнува Битиќи.