За професорот Горан Рафајловски нема дилема дека од актуелната енергетска криза која со сета жештина „удри“ на нашето општество и индустрија, мора да извлечеме поука за во иднина.
„Како Влада, како експерти, како општество, не треба толку време и енергија да трошиме на некои политички прашања и постојано истите да ги „вергламе”, туку треба да се концентрираме на градење на сопствените потенцијали во енергетскиот систем, во образованието, во економијата“, вели Рафајловски за „Локално“.
Во однос на дилемите и препукувањата дали и колку е реална проекцијата за поскапување на струјата од 10 % посочува дека државата секако ќе интервенира преку средства од буџетот за набавката на електрична енергија.
„Тоа не е страшно. Секоја држава мора да планира вакви инцидентни ситуации. Страшно е тоа што не учиме од претходните грешки. Страшно е тоа да ни се повторуваат истите работи, како ништо да не сме научиле“, дециден е Рафајловски.
Според него, од исклучителна важност е државата да ги искористи парите од даноците за предвидената намена, за идниот развој на националниот електроенергетскиот систем. Тоа како што вели, не се доведува во прашање во развиените демократии, но е под знак прашање во фригидни демократии како што имаме кај нас и воопшто во земјите од Западниот Балкан. Оптимист е во однос на понатамошните движења на светските берзи за електрична енергија, а пад на цените очекува во периодот по Нова Година.
Светската енергетска криза не ја заобиколи Македонија, а целото општество, особено индустријата веќе ги чувствува негативните ефекти. Што велат вашите анализи, можеше ли ударот на кризата врз стопанството и граѓаните да биде подобро амортизиран? Сметате ли дека Владата добро се справува со ситуацијата или ги повторува грешките од минатото?
-Тешко е да се даде одговор на тоа дали Владата се справува соодветно со кризата или не. Критики секогаш можеме да дадеме, меѓутоа мораме да бидеме навистина сериозни и внимателни во нивното споделување.Владата се справува во согласност со своите капацитети и во однос на она што го има зацртано во својата програма , како и според превземените задачи и обврски кон енергетиката. Сега, прашањето е дали се потребни поголеми капацитети во таа област, дали е потребно навремено планирање, дали е потребно повеќе време и повеќе човечки ресурси. Кога сите ќе се погледнат,анализата кажува дека Владата се справува, но согласно со она што го инвестирала како потенцијал и време.Се покажа дека тоа не е доволно и дека кризата на сите сега ни тежи, како на индустријата, така и на целото општество.
Треба да извлечеме поука дека во иднина како Влада, како експерти, како општество не треба толку време и енергија да трошиме на некои политички прашања и постојано истите да ги “вергламе”, туку треба да се концентрираме на градењето стабилност и на сопствените потенцијали во енергетскиот систем, во образованието, во економијата. Многу поважно е да се насочиме кон себе, да ги користиме сите расположливи ресурси кои ги имаме како општество, а убеден сум дека ги имаме, гледајќи ја младата генерација и мотивираноста на моите студенти. Тоа свртување кон сопствените сили и потенцијали мора да даде успех. Еднаш кога ќе го направиме тоа и ќе покажеме добри резултати, ЕУ ќе дојде само по себе.
Цената на струјата стана една од најлицитираните теми и меѓу политичарите и меѓу експертите и граѓаните. Какви се вашите размислувања во однос на поскапувањето на електричната енергија?
-Ние имаме инсталирано сопствени енергетски капацитети, но во овој период се покажуваат како недоволни самостојно да ја покријат побарувачката на електрична енергија во моментов. Тоа значи мора да увезуваме електрична енергија, или ќе влечеме од други држави или ќе набавуваме на пазарот. Проблемот настанува кога ургентно се увезува електрична енергија. Таков би рекол непланиран пристап на пазарот доведува до тоа да цената која мора да се плати е висока. Да не ѕаборавиме дека пазарот на електрична енергија е либерализиран. Тоа значи значи дека и произведента електрична енергија во нашата држава треба да оди на пазар. На тој либерализиран пазар секој кој е акредитиран смее да купува електрична енергија. Па како заклучок на еден потполно либерализиран европски пазар е сосема сеедно дали вие земате струја од едно место А кое е во Бугарија или место Б кое е во Грција,или можеби од место Ц кое е во Македонија.Станува збор за еден глобален ,поврзан енергетски систем кој што функционира како едно.
Но од друга страна, и покрај тоа што станува збор за ЕУ, секоја држава си има свои посебни национални интереси и во рамките на тоа енергетска стабилност и безбедност, па оттука и потребата од малку подобар пристап кон ова прашање.Одговорот на тоа до каде ќе оди цената ќе зависи од неколку фактори. Првиот е самиот пазар, односно колкав е соодносот меѓу побарувачката и производството. Вториот се глобалните,европски трендови, а голема улога има и политиката. Доколку превагне политиката на понатамошно субвенционирање на обновливите извори на енергија , тогаш може да се очекува дека цената на електрична енергија ќе треба да биде повисока. Но на долги патеки се разбира дека инвестицијата во обновливите извори на енергија како и подобрувањето на енергетската ефикасност ќе доведе до намалување на емисијата на јаклероден диоксид а со тоа и намалување на глобалното затоплување. Тоа е инвестиција во иднината и инвестиција за енергетска одржливост.
Наспроти најавите од опозицијата дека цената на струјата ќе се зголеми за 30-40 %, Владата убедува дека нема да поскапи повеќе од 10% иако енергетските компании бараат многу повеќе. Во очекување последниот збор да го каже РКЕ, што мислите, чии очекувања се најреални со оглед на актуелната ситуација во енергетскиот систем?
-Кога ќе ја погледнете структурата на цената на електричната енергија таа се состои од три дела. Првиот дел е цената на производството и таа цена ја дефинира тој што произведува, во нашата држава во најголем дел тоа е ЕЛЕМ, но и за среќа имаме и приватни компании кои произведуваат струја, па имаме и по некој трговец кој што вели: „Јас имам во торбата одредено количество мегавати” и можам да го продавам на слободниот пазар на електрична енергија . Вториот елемент е цената на пренос и дистрибуција што ја зема МЕПСО и ЕВН. Третиот дел се таксите односно даноците што се наплаќаат на државата и кои таа ги касира во својот буџет и на крај прави стратегија за развој на енергетиката во државата.
Големината на секој од овие елементи зависи од енергетската политика. Енергетската стратегија се прави пред да настапи криза и тоа барем 5 до 10 години претходно. Кога таа ќе настапи единствено што преостанува е да се направат инцидентни интервенции.Тогаш најчесто станува збор за празнење на буџетот. Секоја држава изготвува своја енергетска политика.Така на пример, во Америка таксите односно данокот за електричната енергија е речиси на нулто ниво. Тоа е т.н. либерална економија, капитализам во кој приватникот инвестира и таму е најважен профитот. Од друга страна, во Германија таксите се можеби највисоки. Овие пари државата ги внесува во буџетот и според новиот Закон за обновливи извори на енергија, тие даноци ги користи за идниот развој на националниот електроенергетскиот систем. Значи, тие пари се основа за одредена стратегија, за насоката во која треба да се движи земјата, нејзината економија, енергетика. Многу важно е како понатаму ќе се користат тие средства. Ако се работи за развиени демократии каде што корупцијата е на ниво 0, а довербата на граѓаните во системот и државата максимален, тогаш тие ќе се искористат за намената за која се собрале. Во фригидни демократии како што имаме кај нас и на Западниот Балкан воопшто, може да се случи парите да не се искористат за таа цел.
Во однос на тоа дали е реална проекцијата за поскапување на струјата од 10%, би одговорил дека можеби не претставува соодветен одговор на големиот скок на берзата. Но во овој случај секако дека ќе интервенира државата преку средства од буџетот за набавката на електрична енергија. Тоа не е страшно.Секоја држава мора да планира вакви инцидентни ситуации. Страшно е тоа да не учиме од претходните грешки. Страшно е тоа да ни се повторуваат истите работи, како ништо да не сме научиле. Сите ние во последните години премногу се занимаваме со виртуелна политика и глобални трендови на коишто не можеме да влијаеме, притоа користејќи 90% од нашата енергија.Треба да почнеме да се бавиме со приземни работи кои првенствено нам ни се потребни: Како да произведеме, Како да го решиме сообраќајот, Како да ја стабилизираме домачната економија.Тогаш ќе имаме многу поголем успех.
Како да излеземе од магичниот круг со РЕК Битола, набавка на јаглен, пропаднати проекти, сериозна зависност од увоз..?
-Ние сме во овој круг веќе 30 години.Тоа е како да знаете да готвите само грав и ајвар и не сте слушнале за други јадења кои исто така можат да бидат подеднакво вкусни и атрактивни.Треба да излеземе од овој круг и да се насочиме кон други алтернативи како што се фотоволтаиците, ветерните централи, енергетското планирање, енергетската ефикасност, Е-мобилност, автономни микромрежи, нови технологии. Дигиталната трансформација преку т.н Индустрија 4.0 започна. Тука треба да ја гледаме шансата. Едноставно треба да ја прескокнеме оградата.
Во услови кога цената на електричната енергија на берзите достига 500 евра за MWh. Што не чека по Нова Година и дали допрва следи пикот на енергетската криза?
–Овој скок на цените беше изненадувачки за сите. Моите очекувања се дека ќе паднат цените на берзата и дека не не очекува уште поголем скок.
К.В.С.