Медицинскиот центар Шеба во Израел го започна првото тестирање во светот на четвртата доза од вакцината Фајзер/Бионтек против Ковид-19.
Најголемиот медицински центар во Израел и на Блискиот Исток ангажирал 150 вработени за истражување.
Секој од нив добил трета, бустер доза, во август и сега нивото на нивните антитела е под 700, рече портпаролот на болницата.
Првиот што ја примил четвртата доза бил хирургот за трансплантација на срце, д-р Јакоб Лави.
Тој изјавил дека тоа е еден мал убод во рамо, но еден голем скок за човештвото во глобалната борба против инфекцијата со Ковид-19
Истражувањето го води д-р Гили Регев Јохај, директор на Инфективното одделение. Тој е одобрен од Хелсиншкиот комитет на Министерството за здравство, кој го надгледува тестирањето на луѓе.
Иако американската Администрација за храна и лекови сè уште не ја одобрила четвртата доза од вакцината „Фајзер“, израелските експерти препорачуваат да ја примаат здравствените работници и граѓаните постари од 60 години, бидејќи се чини дека заштитата опаѓа за шест месеци.
„Оваа студија се очекува да ги расветли дополнителните придобивки од давањето четврта доза. Ќе настојуваме да разбереме дали и на кого вреди да се даде четврта доза“, изјави д-р Регев Јохај.
Неговата цел е да утврди дали четвртата доза е ефикасна за производство на антитела и дали е безбедна.
Резултатите од студијата ќе помогнат да се одреди политиката не само во Израел, туку и во светот во време кога новиот сој омикрон предизвикува нов бран на инфекции, пренесува порталот „Бизлајф“.
Израелскиот премиер Нафтали Бенет оцени дека Израел сè уште е во првите редови на глобалните напори за справување со пандемијата.
Тој потсети дека граѓаните на Израел први во светот ја примиле третата доза од вакцината и дека продолжуваат да бидат први и со четвртата доза.