Црногорецот Един Бегзиќ, кој од утрово се закануваше дека ќе активира експлозив пред експозитура на банка на улицата „Маршал Тито“ во градот Бар, и се предал на полицијата.
Според црногорските медиуми, по разговорот со црногорскиот вицепремиер Дритан Абазовиќ, Бегзиќ мирно и се предал на полицијата.
„Најважно е што сè заврши мирно. Тоа се нештата на животот. Одиме понатаму“, накратко изјави Абазовиќ за подгорички „Вијести“.
Од утрово бил евакуиран дел од улицата Маршал Тито во Бар. Бегзиќ претходно ја покрил филијалата на банката со натпис „Вратете ги парите што ги украдвте од работниците на Приморка“ и се заканил со експлозив.
Полицијата со часови преговарала со Бегзиќ, со кого разговарал и вицепремиерот и координатор на безбедносните служби Дритан Абазовиќ.
Претходно Бегзиќ на вицепремиерот, во видеото што го достави до медиумите, му порачал дека доколку некој испрати приватно обезбедување, војска или полиција да ги „нападне работниците“, тие ќе бидат одговорни за „хаосот што ќе настане“.
Евакуирана беше зградата во која е сместена експозитурата, како и станбените згради во непосредна близина.