Кај Путин на плата: Политичари од ЕУ во одборите на најголемите руски компании

од Nikola Popovski
372 прегледи

Речиси секојдневно расте бројот на високи европски политичари кои им се приклучија на руските енергетски компании. Последен во низата е Франсоа Фијон, поранешниот француски премиер, кој влезе во управниот одбор на рускиот гигант Сибур.

Покрај него, тука е и поранешната министерка за надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсл, која танцуваше со Путин на нејзината свадба во 2018 година. Таа беше назначена во јуни оваа година во управниот одбор на Росњефт, најголемиот руски производител на нафта. Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер беше назначен за претседател на бордот на Росњефт во 2017 година и заработува 600.000 долари годишно.

Поранешниот француски премиер

Поранешниот француски премиер Франсоа Фијон му се придружи на одборот на директори на рускиот петрохемиски гигант Сибур, објави компанијата во четвртокот. Сибур објави ажурирана листа на својот одбор на директори, што покажува дека Фијон е назначен во одборот како независен директор.

Компанијата е под контрола на Леонид Микелсон, еден од најбогатите луѓе во Русија, и Генадиј Тимченко, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, меѓу другите акционери, пишува Москва тајмс.

Овој потег доаѓа откако поранешниот француски премиер беше назначен во управниот одбор на руската државна компанија Зарубежнефт на почетокот на оваа година.

Фијон, кој ја водеше француската влада за време на претседателот Никола Саркози меѓу 2007 и 2012 година, е шеф на консултантската фирма Аптерас, која ја основа по неговата претседателска кандидатура во 2017 година.

Таа година, неговата кампања беше прекината со скандал за лажен бизнис, поради што судот го осуди на пет години затвор во јуни 2020 година, три години условно.

Поранешна австриска министерка

Поранешната австриска министерка за надворешни работи Карин Кнајсл, која танцуваше со Владимир Путин на нејзината свадба, беше избрана со одобрение на директорката на најголемата руска нафтена компанија.

Таа беше австриска министерка, а најголемо внимание привлече поради пријателството со Путин, кој беше гостин на нејзината свадба во 2018 година. Таа срдечно го поздрави, па дури и танцуваше со него. Настанот се случи неколку месеци откако земјите од ЕУ протераа десетици руски дипломати, а сето тоа поради случајот со труењето на рускиот агент Сергеј Скрипал во Велика Британија.

 

EPA-EFE/ROLAND SCHLAGER / POOL

Таа се приклучи на одборот на Росњефт во јуни оваа година, кој е контролиран од државата. Нејзиното назначување беше потврдено со гласање на акционерите на Роснефт на годишното генерално собрание на компанијата, откако таа беше назначена на функцијата во март.

Росњефт, кој во голема мера е контролиран од руската влада, сочинува околу една третина од профитабилното производство на нафта во земјата. Шефот Игор Сечин е близок соработник на Путин и се смета за еден од највлијателните луѓе во Русија, пишува Москва тајмс.

Така Кнајсл му се придружи на Герхард Шредер, кој е претседател на управниот одбор во оваа компанија. „Роснефт“ оствари профит од 147 милијарди рубљи (околу 2 милијарди долари) во 2020 година, што е пад од 80 проценти од нивото пред пандемијата, бидејќи го намали производството во рамки на договорот на Русија со Саудиска Арабија за зголемување на цените на нафтата за време на пандемијата.

Поранешен германски канцелар

Во 2017 година, поранешниот германски канцелар Герхард Шредер стана претседател на Надзорниот одбор на рускиот нафтен гигант Росњефт. Тоа му носи блиски контакти со рускиот претседател Путин.

Поранешниот канцелар Герхард Шредер стигна до Олимп на руската енергетска економија. Собранието на акционери на рускиот нафтен и гасен гигант Росњефт, чиј 70 отсто е во државна сопственост, го назначи за претседател на Надзорниот одбор. Ова предизвика големо недоразбирање во Германија. Ангела Меркел изјави дека ангажманот на Шредер во енергетскиот концерн на Кремљ е „не е во ред“. Росњефт е една од компаниите погодени од европските санкции поради руската окупација на Крим, пренесува Дојче веле.

Другите беа многу поостри од канцеларката. Генералниот секретар на ЦСУ Андреас Шојер го нарече Шредер „руски платеник“, европратеникот на Зелените Рајнхард Битикофер го нарече „платен слуга на политиката на Путин“. Се шпекулира дека Герхард Шредер има особено блиски односи со рускиот претседател. По завршувањето на политичката кариера, Шредер стана претседател на Одборот на акционери на гасоводот Северен тек. Рускиот државен Гаспром има мнозинство во неговиот конзорциум.

Sean Gallup/Getty Images

Додека Шредер го прогласува неговиот ангажман во Русија за „приватна работа“, Мартин Шулц нагласува дека тој е „канцелар кој повеќе не е на функција, туку само условно приватно лице“, особено кога продолжува да се меша во германската дневна политика, што токму Шредер со задоволство прави.