Мексико планира да го прекине извозот на сурова нафта во 2023 година како дел од стратегијата на владата на претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор да постигне самодоволност на домашниот пазар на гориво со домашната понуда.
Petroleos Mexicanos, државен производител на нафта познат како Pemex, ќе го намали извозот на сурова нафта на 435.000 барели дневно во 2022 година, пред постепено да ја прекине продажбата во странство на клиентите следната година, изјави извршниот директор Октавио Ромеро на вчерашната прес-конференција во Мексико Сити.
Овој потег е дел од напорите на Лопез Обрадор да го зголеми домашното производство на гориво наместо Мексико да ја испраќа својата нафта во странство и да увезува скапи рафинирани производи, како што се бензинот и дизелот. Мексико во моментов го купува најголемиот дел од горивото што го троши од американските рафинерии.
Доколку се оствари, ветувањето на Pemex ќе го означи повлекувањето од меѓународниот пазар на нафта на еден од најистакнатите играчи во изминатите децении, според њујоршката агенција
Кога беше на својот врв во 2004 година, Pemex извезуваше речиси 1,9 милиони барели нафта дневно во рафинериите во Јапонија, Индија и учествуваше како набљудувач на состаноците на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК).
Според Pemex, компанијата минатиот месец продавала нешто повеќе од милион барели нафта дневно во странство.
Намалувањето на извозот ќе се одвива паралелно со зголемувањето на домашното рафинирање на сурова нафта од страна на Pemex, кое ќе достигне 1,51 милиони барели дневно во 2022 година и 2,0 милиони барели дневно во 2023 година, рече Ромеро.
Мексиканската компанија ќе ја испрати целата сурова нафта што ја произведува во своите шест рафинерии, вклучувајќи ја и онаа во изградба во југоисточната држава Табаско и другата што ја купува во близина на Хјустон, Тексас. Рафинеријата ќе биде дел од мексиканскиот систем за рафинирање нафта, иако се наоѓа преку границата, во САД.