Јавниот инвестициски фонд (PIF) од Саудиска Арабија ќе го преземе милански Интер, пренесуваат американските финансиски медиуми.
Арапите за контролниот дел од акциите на „нероазурите“ ќе платат дури милијарда долари.
Ова ќе биде втора фудбалска инвестиција на PIF, која во октомври го купи англиски Њукасл за 300 милиони долари.
PIF е еден од најголемите фондови кои управуваат со инвестиции во вредност од 400 милијарди долари во 13 различни сектори.
Познато е дека Интер има огромни финансиски проблеми, поточно кинеската компанија Suning, која од 2016 година контролира 70 отсто од менаџерските права на миланскиот клуб.
Во претходната сезона 2020/2021, во која беше освоено Скудетото, беше остварена загуба од дури 320 милиони, а моментално клубот секој месец бележи загуба од 15 милиони долари.
Затоа беа продадени Ромелу Лукаку и Ашраф Хакими, кои во касата донесоа нешто повеќе од 150 милиони евра, додека идејниот творец на шампионскиот тим – Антонио Конте ја напушти клупата и по 11 години чекање го донесе шампионскиот пехар на „Џузепе Меаца“.
За среќа, „неуспехот“ не се одрази премногу на резултатите, бидејќи Интер е лидер во Серија А, а воедно се пласираше и во осминафиналето во Лигата на шампионите.
Со трансферот на сопственоста, Интер ќе стане најбогатиот клуб во светот пред Њукасл, додека Саудиска Арабија ќе стане еден од главните „играчи“ во светот на фудбалот, покрај Катар (ПСЖ) и Обединетите Арапски Емирати (Манчестер Сити).
На италијанскиот фудбал му требаат богати инвеститори со оглед на тоа што некои од најуспешните клубови како Јувентус постојано бележат загуби, па торинскиот клуб неодамна го зголеми капиталот за 366 милиони евра.
Американските инвестициски фондови се сопственици на шест клуба во Серија „А“, кои поради кризата ги купија за многу поволни услови, веќе трошат милиони долари, но се уште ја чекаат вистинската заработка.