Битиќи: Во 2021 година исплатени се 48,5 милиони евра државна помош на компаниите

од Vladimir Zorba
254 прегледи

Оваа година, кон стопанството, во форма на директна државна помош, од страна на буџетот, преку Законот за контрола на државна помош од Владата и од ДТИРЗ се исплатени 19,5 милиони евра, преку инструментите на ФИТР исплатени се вкупно 16 милиони евра, додека за мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции исплатени се 13 милиони евра. Вкупно преку овие мерки за поддршка, само во 2021 година, македонското стопанство е подржано со 48,5 милиони евра. Да посочам дека само овие денови кон стопанството се вбризгани 16,8 милиони евра, изјави денеска на прес заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

Тој ја презентираше сублимираната финансиска помош од државата преку мерките од Планот за економски раст и други мерки на Владата и други државни органи за 2021 година.

Изминатите четири и пол години, вели тој, покажале како се води грижа за стопанството и за компаниите.

„Не трошевме големи средства за непрoдуктивни трошоци, наместо тоа, се фокусиравме на тоа како да ги стимулираме компаниите да се прошируваат и да се надоградуваат, да го фатат чекорот со современите економски текови. Ги избришавме разликите помеѓу домашни и странски компании, денес сите компании кои работаат во нашата земја се наши, домашни компании, со исти услови и можности да добијат поддршка од државата. За добивање на државна помош повеќе не се преговара во „четири очи”, туку целиот процес е отворен и транспарентен и сите однапред знаат каков вид на поддршка може да очекуваат кога ќе реализираат инвестиција. Ова креира предвидливост и стабилност за водење бизнис во нашата земја“, посочи вицепремиерот.

Во услови на криза, во 2020 година, за поголема конкурентност на компаниите, обезбедена е директна поддршка од 17,5 милиони евра, со кои се поддржани развојни проекти на точно 400 компании. Воедно, редовно се сервисирани и договорите кои ги имаат со 35 компании кои работат во Технолошко-индустриските развојни зони и надвор од нив.

„Ако ги сумираме сите податоци, ова е директна поддршка за околу 1.570 компании од нашата земја, најголемиот дел од нив се компании од производството и преработувачката индустрија, кои креираат додадена вредност. Тоа се наши амбасадори на меѓународните пазари и ме радува што се повеќе македонски фирми се одлучуваат на овој чекор, да инвестираат во сопствениот развој и на тој начин да станат поконкурентни на интернационално ниво. Тоа е патот кон одржливоста, тоа е начинот да постигнеме и побрз економски развој, а со тоа и да креираме подобри услови за живот на сите граѓани“, истакна Битиќи.

Слични содржини