Научници идентификуваа антитела кои таргетираат непроменети делови од коронавирусот, кој продолжува да мутира и еволуира, а откритието претставува промена што може да доведе до нови третмани насочени кон неутрализирање на „омикрон“ и други потенцијални нови соеви, пренесе „Танјуг“.
Идентификувањето на таквите „широко неутрализирачки“ антитела на „спајк“ протеинот на корона, со кој вирусот навлегува во човечките клетки, може да помогне да се направат подобри вакцини и антитела кои ќе бидат поефикасни не само против „омикрон“, туку и против било кој вид, рече Дејвид Веслер од Факултетот за Медицина на Универзитетот во Вашингтон.
„Ова откритие ни кажува дека со фокусирање на антителата кои таргетираат специфични места на „спајк“ протеинот, можеме да најдеме начин да ја надминеме континуираната еволуција на коронавирусот“, рече Веслер, пренесе „Индепендент“.
Досега, студиите покажаа дека „омикрон“ има 37 мутации во „шилецот“, што делумно објаснува зошто овој вид успеал да се шири и да ги инфицира луѓето кои биле ревакцинирани толку брзо, како и да ги реинфицира луѓето кои имале ковид.