Советот на Општина Тетово денеска одржа вонредна седница на која беше суспендиран Детален урбанистички план (ДУП) за урбан блок 57А. Овој ДУП беше донесен во време на претходната градоначалничка, на местото на Шумарско-индустрискиот комбинат (ШИК) „Јелак“ каде се предвидени да се градат дваесетина згради за домување и трговски центри.
Градењето на објекти на оваа локација беше основа за политичко пресметување меѓу партиите и обвинувања за корупција.
Советниците од ДУИ и СДСМ не учествуваа во гласањето, односно станаа од нивните места во Советот и седнаа во делот предвиден за јавноста и граѓаните.
-Суспендиран ДУПот за ШИК Јелак на контроверзниот Дака Давидовиќ. Правдата победува ги остваруваме ветувањата! Би сакал да честитам за оваа храбра одлука на Градоначалникот на Тетово Билал Касами како и мнозинството во Советот составено од политичките партии БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците како и независните Подобро за Тетово кои ја донесоа оваа одлука, објави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, видно задоволен од одлуката.
Според него, суспендирањето на овој ДУП зад кои стои контроверзниот Дака Давидовиќ покажува дека промените носат правда.
-Jавноста се сеќава на разговорите кои се слушнаа пред изборите во 2020 година во кои се договараа пари, парцели и интереси на штета на Тетово и тетовчани. Исто така јавноста се сеќава дека во 2020 година по изгласувањето на Владата СДСМ/ДУИ ова беше прва одлука која се донесе. Јас тогаш во јавност изнесов бројни сознанија кои дојдоа до мене, се работи за сомнителен капитал зад кој стојат оф шор фирми поврзани со Дака Давидовиќ и врвот на власта во Mакедонија. Добивав дури и закани да се откажам од објавување на овој скандал, но за мене интересот на граѓаните и борбата со криминалот се пред се!, напиша Николоски на Фејсбук.