Путин им посака на Русите позитивни промени: Зголемувањето на стандардот е главна цел

од Nikola Popovski
194 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин денеска им посака на Русите позитивни промени во новата година, наведувајќи дека подигнувањето на животниот стандард е главната цел која би помогнала Русија да биде уште посилна.

Во телевизиско обраќање непосредно пред полноќ во секоја од 11-те временски зони во Русија, Путин рече дека земјата се соочила со „колосални предизвици“, но дека „научила да живее во овие тешки услови и да решава тешки задачи преку солидарност“.

„Ја продолживме борбата против опасната пандемија која се прошири на сите континенти и се уште не завршува. Болеста однесе десетици илјади животи. Сакам да ја изразам мојата искрена поддршка на сите оние кои ги загубија своите најблиски“, рече Путин.

Обраќањето на Путин до нацијата беше емитувано неколку часа по неговиот телефонски разговор со американскиот претседател Џозеф Бајден, кој се фокусираше на претстојните разговори меѓу Вашингтон и Москва за Украина, во близина на чија граница Русија има собрано десетици илјади војници.

Ќе се водат преговори за барањето на Русија, Западот да даде гаранции дека НАТО нема да се прошири понатаму на исток или да распореди оружје на територијата на Украина и другите поранешни советски републики.

Во разговорот Бајден повторно се закани со нови санкции кон Русија во случај на ескалација на ситуацијата или руска инвазија на Украина, на што Путин одговорил со предупредување дека таквиот потег на САД може да доведе до целосно прекинување на односите меѓу двете сили.