Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп денеска изјави дека натпреварот против Челси се уште не е блиску до откажување, по уште три позитивни случаи на коронавирус во тимот, објави „Скај Спорт“.
Клоп одби да ги именува позитивните играчи, а рече дека се ќе види тимот кој ќе истрча на дуелот со Челси.
„Како да сме на лотарија кога ги чекаме резултатите. Од ден на ден доаѓаат нови случаи“, рече Клоп.
По поразот од Лестер во последното коло, Ливерпул заостанува девет бода зад Манчестер Сити, но Клоп се уште не се откажува од титулата.
„Единствениот начин да стигнеме до Сити е да победуваме. Во моментов не е лесно. Играме против Челси кој има слични проблеми како нас. Секако дека Челси не победува со просечна игра, мораме да го дадеме максимумот, да бидеме најдобри“, изјави Клоп.
Германскиот стручњак изјави и дека Ливерпул можел да го победи Лестер во последното коло, но дека не ги искористил шансите и дека е казнет поради тоа.
„Можеме да зборуваме за натпреварот против Лестер. И покрај тоа што не беше најдобриот натпревар, требаше да победиме, но не ги искористивме нашите шанси. Мораме да почнеме да играме подобро, бидејќи за да стигнеме до Сити треба да играме многу подобар фудбал“, изјави Клоп.
Ливерпул моментално е трет на табелата со 41 бод, еден помалку од второпласираниот Челси и девет од првопласираниот Сити, но и еден натпревар помалку од двата тима.
Натпреварот Ливерпул – Челси се игра во недела на 2 јануари од 17:30 часот.