Растот на инфекциите предизвикани од сојот на коронавирусот oмикрон може да го доведе Израел да постигне колективен имунитет, изјави денеска највисокиот здравствен функционер во земјата, Нахман Еш.
Високо заразниот сој омикрон предизвика зголемување на бројот на случаи на корона ширум светот, но бројот на смртни случаи не е зголемен, што дава надеж дека новиот сој е помалку смртоносен.
До крајот на декември, Израел успеа до одреден степен да го спречи ширењето на омикрон, но со зголемувањето на стапката на инфекција сега, се очекува бројот на случаи на дневна основа да достигне рекордно ниво во следните три недели.
-Тоа би можело да резултира со постигнување колективен имунитет, изјави претставникот на Министерството за здравство, Еш.
„Бројките ќе мора да бидат многу високи за да се постигне имунитет на стадото. Тоа е можно, но ние не сакаме да го постигнеме тоа со инфекција, туку да се случи како резултат на вакцинација“, рече тој.
Според израелското Министерство за здравство, околу 60 отсто од 9,4-милионското население се целосно вакцинирани и тоа речиси сите со вакцината Фајзер/Бионтек.
Од почетокот на пандемијата во Израел се регистрирани околу 1,3 милиони случаи на корона, а во текот на изминатите десет дена дневниот број на случаи е зголемен за повеќе од четири пати.
Фото: MARC ISRAEL SELLEM/THE JERUSALEM POST