Сите вработени во јавната администрација во Албанија, но и во трговските центри или супермаркетите од денеска ќе мора да имаат ковид-сертификат или негативен ПЦР тест за да продолжат со работа, објавија тамошните медиуми.
Албанските власти во декември донесоа одлука за воведување нови ограничувања поврзани со Ковид 19, меѓу кои е и задолжителната вакцинација за сите што сакаат да бидат на работа, објави „Албаниан дејли њуз“.
Според пишувањата на „Коха Диторе“, невакцинираните работници мора да се тестираат на секои пет дена.
„Потсетуваме дека од 4 јануари сите вработени во јавната администрација, супермаркетите и трговските центри, како категорија што претставува ризик за другите, ќе достават документ за вакцинација или потврда за излекување со важност до шест месеци“, изјавила Мира Ракацоли, претседателка на експертската комисија.
Во Албанија е на сила полициски час од 23 до 06 часот, а секој кој ќе влезе во земјата мора да покаже дека го прележал вирусот или има негативен тест.
Во Албанија во моментов има повеќе од 6.000 активни случаи на Ковид-19, а повеќе од 3.200 луѓе починале како последица на вирусот.