За Бугарија, иднината на Европа ја исклучува опцијата „Европа со две брзини“ .Преговарачката рамка за Република Северна Македонија мора да содржи гаранции дека Договорот од 2017 година ќе биде имплементиран и во однос на опфатот на Заедничката историја во учебниците и во поглед на тоа, како што никој не може да го оспори правото на некои од денешните граѓани на С. Македонија да се самоидентификуваат како Македонци, така да не е прифатливо да се оспорува самоопределувањето на нивните предци како Бугари. Ова во интервју за БГНЕС го изјави амбасадорот на Бугарија во Обединетото Кралство, Марин Рајков.
Рајков смета дека за С. Македонија да стапне на патот кон Европа „мора да помине низ својата катарза“ – онаа низ која поминаа сите поранешни комунистички земји кои пристапија во ЕУ.
„Да, навистина, овој период од годината не потсетува дека на 7 јануари 1945 година, југословенските власти и локалните соработници започнаа кампања за насилна дебугаризација на Вардарска Македонија, позната како „Крвав Божиќ“. Престрелките во Скопје и во штипската касарна и задушувањето на воените немири на нашите сонародници против југословенските власти, на кои масовно им се придружија и цивили, беа само почеток на крвавата репресија која ги однесе животите на илјадници македонски Бугари кои одбија етнички инженеринг. Оваа трагична страница не треба да се затвори без да се прочита. Нема да може да се бара попустливост за извршените злосторства со европско легитимирање на идеологијата во име на која тие се извршени. За да стапне на патот кон Европа, С. Македонија ќе мора да помине низ својата катарза – онаа низ која поминаа сите поранешни комунистички земји кои пристапија во ЕУ. Во јули минатата година, високиот претставник на ОН за Босна, Валентин Инцко, го прогласи за кривично дело негирањето на југословенското истребување во Сребреница. Она што го правеше југословенскиот режим во различни времиња, не може да се третира поинаку“, вели тој.
Смета дека нормално е Бугарија да инсистира на гаранции во Преговарачката рамка за С. Македонија дека ќе се имплементира Договорот од 2017 година – и во смисла на одраз на Заедничката историја во учебниците и во поглед на напуштање на старите претензии кон Бугарија од југословенско време.
Гаранции во преговарачката рамка, вели Рајков, се потребни и поради „упорните закани на антиевропската опозиција во земјава“ дека ќе ги саботира договорите со Бугарија и Грција. „Всушност, имплементацијата на Договорот од 2017 година е веќе услов во последните заклучоци на Советот, поради што прашањето е навистина европско“, истакнува амбасадорот.
„Второ, човековите права се незаменлив услов на ЕУ. Нашиот југозападен сосед има своја специфична правна регулација на етничките реалности и во согласност со неа, македонските Бугари мора да бидат рамноправно третирани со другите народи во С.Македонија, наоѓајќи свое соодветно место во Уставот, но и во институциите. Нивната дискриминација е неспоива со европските амбиции на нашите скопски пријатели. Освен тоа, децата на македонските Бугари не можат да бидат принудени да учат неодржливи и стигматизирачки теории за сопственото потекло. Власта која се плаши од историската меморија на своите граѓани и се обидува да ја замени, не ја достигна потребната демократска зрелост за да ги започне преговорите за членство.
Трето, способноста за споделување идентитет е една од вредностите што не дефинираат како Европејци. Европа е семејство на заеднички идентитети, а не на етнички инженеринг и вештачка диференцијација. Правото на слободно самоопределување на поединецот е свето. Како што никој не може да го оспори правото на некои од денешните граѓани на С. Македонија да се самоидентификуваат како Македонци, така не е прифатливо да се оспорува самоопределувањето на нивните предци како Бугари“, вели Рајков.