За време на главната презентација на Sony на саемот за електроника CES 2022, компанијата го претстави Vision-S EV што го видовме минатата година, заедно со новиот концепт SUV наречен Vision-S 02. Но, големо изненадување (овој пат) е најавата за лансирање на Sony Mobility компанијата, преку која технолошкиот гигант ќе се фокусира на електричните автомобили.
Sony објави неколку демо видеа на YouTube со двата прототипа Vision-S. Некои, како двеминутниот концепт филм подолу, навестуваат како овие автомобили би можеле да бидат дел од нашите животи. Други покажуваат дизајн на кориснички интерфејс или нудат тест возење на долги растојанија преку 5G конекција што ги поврзува Токио и Германија во реално време.
Не знаеме дали сето ова значи дека еден ден навистина ќе возиме автомобил на Sony, но јасно е дека компанијата има визија за автономна, електрична иднина кон која се стреми.
„Го истражуваме комерцијалното лансирање на електричното возило на Sony“, рече Кеничиро Јошида, извршен директор на компанијата. Тоа истражување очигледно ќе открие како една „креативна забавна компанија“ може да ја „редефинира иднината“.
За време на минатогодишното претставување на Vision-S, Sony зборуваше многу за своите можности со сензори, и ќе видиме како ќе ја искористи таа технолошка предност во автомобилската индустрија.
Минатата година компанијата имаше ист проблем како автомобилската индустрија поради недостиг на чипови. Дали Sony има намера да влезе во автомобилската индустрија како полноправен конкурент или повеќе како добавувач или партнер, останува да се види.