Глигоров: Нема потреба секој ден да размислуваме за Бугарија и за ЕУ

од Vladimir Zorba
1,1K прегледи

Владимир Глигоров од Виенскиот институт за меѓународни економски студии ја оценува како непотребна и пред се претерана актуелната фокусираност на бугарската блокада во однос на нашиот пат кон ЕУ.

Европа е таа која треба да одлучи што сака со Македонија“, вели Глигоров во интервју за „Локално“, но патот според него може да биде долг ако се нема разбирање за македонските интереси.

„Интересно е да се примети дека аргументите на Путин за Украина како дел на Русија се како и аргументите на Бугарија за Македонија да е бугарска земја и народ“,забележува Глигоров.

Во меѓувреме, ја оценува како позитивна актуелната, засега единствена опција за отворен пазар со соседите преку иницијативата „Отворен Балкан“, но потсетува дека таа не може да помогне во трговијата со трети земји.

Оптимист е во однос на економските проекции на земјата бидејќи како што вели: „Македонија научи да стои на свои нозе.

Кои се според Вас економските предизвици за 2022 година за Владата и за стопанството ? Дали сметате дека оваа година ќе биде подобра во економска смисла на зборот и зошто не?

-Мислам дека има услови новата 2022 година да биде подобра. Сите соседи очекуваат добра година, а македонското стопанство соработува со регионот значително. Владата би можела да помогне со развојни проекти. Земјата ќе опстои и ќе се развива  и покрај тоа што владите се менуваат.

Во ситуација кога сме растргнати помеѓу желбата да бидеме дел од ЕУ и политичките блокади од страна на Бугарија, уште колку долго сметате дека Македонија ќе може да го издржи ваквиот притисок?

-Мислам дека нема голема потреба секој ден да се размислува за ЕУ и за Бугарија. Секако, работите ќе изледаат поинаку доколку се засили притисокот, но повеќе од јасно е дека ЕУ треба да одлучи што сака со Македонија. Интересно е да се примети дека аргументите на Путин за Украина како дел од  Русија, се еднакви на аргументите на Бугарија која тврди дека Македонија е бугарска земја, исто како и нејзиниот народ. Во меѓувреме Македонија мора да се развива. Со членството во НАТО постигнати се определена безбедност и стабилност, но патот кон ЕУ може да биде и долг доколку нема разбирање за македонските интереси.

Во Македонија е познато дека често се менува централната и локалната власт а уште почесто директорите на државните институции, дека граѓаните и стопанството се изложени на постојани политички потреси и неизвесност. Заради тоа страдаат планираните проекти, заостануваме во привлекувањето странски инвеститори, младите заминуваат од земјава. Ништо поинаква очигледно нема да биде 2022 година па оттаму и прашањето колку сето тоа според вас ќе блијае врз економската слика на Македонија?

-Многу е важен фактот дека граѓаните на Македонија покажаа дека ја  вреднуваат демократијата. И понатаму тврдам дека нема друг начин да се сочува стабилноста во земјата. Демографијата е голем проблем на целиот Балкан, па и во голем дел на Европа, делумно од различни причини. Потребни се години на развој тоа да се смени. Во вакви широки рамки една година не значи многу. Најважно е граѓаните да осознаат дека не е бесмислено да се надеваат на поубав живот за нивните деца и внуци. Секако, за да се реализира оваа цел потребен  е период на забзан растеж и развој.

Каква иднина има иницијативата Отворен Балкан? Ќе добие ли реално соработката меѓу државите нов импулс и динамика и што е потребно за да оваа иницијатива стане пример кој секој ќе го посочува во позитивна смисла на зборот?

-За Мекедонија отворениот пазар со соседите е исклучително поволна опција  бидејќи земјата е мала и нема излез на море. Меѓутоа, треба да ни е јасно дека „Отворен Балкан“ не може да помогне кога станува збор за трговијата со трети земји заради тоа што нема царинска унија со ЕУ.

Новогодишната честитка граѓаните ја добија со нова цена на електричната енергија иако во обид да се намалат негативните ефекти од целата криза се замрзнаа цените на дел од прехрамбените производи. Каков ќе биде стандардот  на граѓаните догодина? 

-Се надевам дека тоа нема да потрае. Нема причина идното лето да не биде подобро од она кое замина и секако од 2020 година.

За крај, каква 2022 година им посакувате на граѓаните на Македонија?

-Се најдобро. Македонија научи да стои на свои нозе, па има основа за оптимизам.

К.В.С.

Слични содржини