Организацијата на Ѓоковиќ: „Во добра состојба е, ќе даде изјава кога ќе посака“

од Берта Китинска
185 прегледи

Здружението на професионални тенисери (ПТПА), чиј основач е Новак Ѓоковиќ, заедно со Васек Поспишил, објавија соопштение за медиумите во врска со ситуацијата во која се најде најдобриот тенисер на светот.

Ѓоковиќ се наоѓа во мигрантски хотел во Мелбурн, каде што го чека понеделник и одлуката на Федералниот окружен и семеен суд, бидејќи му беше укината визата за Австралија и му беше наредено да ја напушти земјата.

Новак по цела ноќ на распит на аеродромот остана без виза бидејќи, како што соопштија австралиските власти, не доставил соодветни докази за изземање од задолжителна вакцинација, но судската одлука го одложи рочиштето за да се разгледа депортацијата за понеделник.

По повод оваа драма, ПТПА излезе со соопштение:

„Здружението на професионални тенисери (ПТПА) внимателно ја следи ситуацијата во врска со притворот во кој Новак Ѓоковиќ е задржан од австралиските власти.

ПТПА е во близок контакт со Ѓоковиќ, неговото семејство, советници, владини претставници и раководството на Австралија опен. Ѓоковиќ ни потврди дека е во добра состојба, а побара и да му дозволиме лично да ги сподели фактите за притворот, кога ќе одлучи да го стори тоа. Со целосна почит кон сите оние кои имаат сопствен став за вакцинацијата, на оние кои се вакцинирани и оние кои не биле вакцинирани (оние на кои им е одобрено медицинско ослободување) треба да им се дозволи слободно да се натпреваруваат.

Ќе продолжиме да ги поддржуваме нашите членови, нашите играчи. На православниот Божиќ, среќни сме што имавме шанса да комуницираме со него. Ќе продолжиме да го следиме неговото здравје и безбедност. Се надеваме дека наскоро ќе го видиме на теренот“, се вели во соопштението.

Слични содржини