Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија соопшти за посета на висока делегација од Република Бугарија предводена од премиерот Кирил Петков на Скопје, на 18 јануари. Во придружба на бугарскиот премиер е и министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, како и министерот за транспорт и врски, Николај Сабев.
„Посетата е планирано да се реализира веднаш по стапувањето во функција на новата Влада на Република Северна Македонија, со што двете држави сведочат за важноста која ја придаваат на меѓусебните односи и соработка. На средбите се очекува да се реафирмираат досегашните резултати и постигнат напредок, како и да се воспостави дополнителна интензивна комуникација во насока на надминување на разликите за важни билатерални прашања меѓу двете земји.
Во фокусот на разговорите ќе биде доследната имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во август 2017 година, како и продолжување на напорите за исчекор во обидите да се обезбеди поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија“, велат од МНР.