Над 250.000 Израелци примиле четврта доза вакцина против коронавирус

од Vladimir Zorba
203 прегледи

Околу 254.000 Израелци примиле четврта доза вакцина против коронавирус во првата недела по нејзиното одобрување, јави ДПА, цитирајќи го соопштението на Министерството за здравство. Четвртата доза беше воведена како дел од стратегијата на Израел за борба против наглиот пораст на инфекциите со „омикрон“ варијантата на коронавирусот.

Засега, само лицата постари од 60 години, медицинскиот персонал и лицата со слаб имунолошки систем имаат право да примаат четврта доза.

Премиерот Нафтали Бенет денеска го пофали високото ниво на вакцинација кај ранливите групи и го опиша како исклучителен одговор кој ќе го спречи многу тешкиот тек на болеста и страдањето кај многу луѓе.

Поради ширењето на многу заразната варијанта „омикрон“, земјата секојдневно се соочува со невиден пораст на инфекции, со повеќе од 17.500 пријавени случаи денеска, соопшти Министерството за здравство.

Поради зголемувањето на случаите и кај здравствените работници, Министерството за здравство размислува да им дозволи на лекарите и медицинските сестри да продолжат со работа, дури и ако тестирале позитивно на коронавирус, додека не покажат никакви симптоми.

Додека претходно Израел се сметаше за модел за неговите напори за вакцинација, кампањата сега е во застој. Само околу 61 отсто од 9,4-милионското население на Израел сè уште се смета за целосно вакцинирани. Тоа значи дека овие луѓе примиле две дози вакцина и поминале помалку од 6 месеци од нивната втора доза или дека примиле „бустер“ доза.

Околу 30 отсто од населението воопшто не се вакцинирале, а кај околу 9 отсто од населението важноста на вакцинацијата е веќе истечена.