Новак Ѓоковиќ се огласи на социјалните мрежи откако австралискиот суд ја поништи одлуката за одземање на визата. Ѓоковиќ им се заблагодари на сите за поддршката и рече дека сака да остане и да се натпреварува на овогодинешниот Австралија опен, кој започнува на 17 јануари.
„Задоволен сум и благодарен што судијата го поништи укинувањето на визата. И покрај се што се случи, сакам да останам и да се обидам да се натпреварувам на Австралија Опен. Останувам фокусиран на тоа. Летав овде за да играм на еден од најважните настани што ги имаме пред неверојатни навивачи“, напиша Ѓоковиќ, заедно со фотографија од „Род Лејвер Арената“ во Мелбурн.
„Засега не можам да кажам повеќе, но ви благодарам на сите што бевте со мене низ сето ова и ме охрабривте да останам силен“, изјави Ѓоковиќ.
Истовремено, семејството на најдобриот тенисер на прес-конференција во Белград потврди дека Новак се чувствува добро и дека веќе тренирал, како и дека се подготвува за учество на Австралија опен, бидејќи судот ја поништи одлуката да му се укине визата за Австралија.