Директорот на ЈСП Скопје, Иван Илиевски денеска информираше повеќе за новиот хартиен билет, кој во текот на месецов треба да биде во употреба за граѓаните.
-Со новиот хартиен билет, кој ќе се продава во билетарниците, ќе биде даден на користење и на хотелите, туристичките агенции и ќе си најде широка примена во градот. Ќе важи од 5 часот наутро до 12 часот на полноќ и ќе биде неограничен, односно ќе важи за сите линии. Неговата цена ќе биде 120 денари, изјави Илиевски во емисијата „Утрински брифинг“.
Според него, оваа цена е поевтинување од претходниот електронски билет кој можеше да се користи преку електронски паричник и чинеше 270 денари.
-Ова значи дека со користењето на овој хартиен билет цената на возење ќе поевтини околу сто проценти. Овој билет е наменет за сите граѓани и за луѓето од внатрешноста кои не користат „Скопска“ електронска картичка, посочи Илиевски.