Во Советот за национална безбедност ја потврдивме единствената бугарска позиција, која досега беше потврдена – барање кон РСМ во однос на почитувањето на Договорот од 2017 година, Рамковната позиција и Декларацијата од 2019 година, изјави во интервју за „БНТ“ заменик-претседателот на бугарското Национално собрание, Кристиан Вигенин.
„Не поставуваме нови услови за македонската страна – очекуваме да ги исполнат постојните. Но го потенцираме почитувањето на правата на македонските Бугари во Република Северна Македонија. Ова е проблем кој се продлабочи во последната година. Ќе бидеме бескомпромисни во почитувањето на нивните права“, дециден е Вигенин.
Тој додаде дека одлуката на Бугарија за ова прашање не треба да биде врзана со рокови.
„Тоа може да се поврзе само со исполнувањето на обврските на Република Северна Македонија и нашите барања во преговарачката позиција. Доколку се спроведе, Бугарија би сакала што поскоро да ги отвори вратите на Република Северна Македонија. Но, ако тоа не се случи, нема да се случи“.
Според Вигенин, „не можеме да се откажеме од историската вистина“.
„Нема начин Бугарија да се откаже од својата историја. Не можеме рамнодушно да гледаме, да се правиме дека овој проблем не постои, да развиваме економски врски. Истовремено, од ден на ден да се бришат историските факти и буквално да се краде бугарската историја. Значи, не може да има елемент на брзање во овој процес, РС Македонија може енормно да ги скрати овие рокови доколку е подготвена да ги исполни обврските што ги бараме од нив“, вели тој.
Поразбирливо е прашањето за човековите права, но ние не се откажуваме од историските прашања. За разлика од РС Македонија, ние се потпираме на факти, артефакти и историска вистина и имаме намера да продолжиме да им го објаснуваме тоа на нашите партнери, рече Вигенин.