Објавен оглас: Кои документи ви се потребни за финансиска помош за струја?

од Берта Китинска
1,3K прегледи

Согласно јавниот повик од 600 до 800 денари пониски сметки за струја ќе добијат над 7.500 домаќинства со ниски приходи во период од 12 меесеци. За оваа мерка се обезбедени 60 милиони денари.

На сајтот на Министерството за економија објавен е јавниот оглас за финансиска поддршка за лицата со ниски примања за плаќање на сметките за струја.

Доделувањето на финансиска поддршка е за лицата со ниски примања во 2022 година, чии редовни месечни примања во домаќинството не го надминуваат нето приходот од 30.000 денари и тоа за:

  1. самец до 15.194 денари;
  2. домаќинство со два члена до 18.000 денари;
  3. домаќинство со три члена до 21.000 денари
  4. домаќинство со четири члена до 25.000 денари; и
  5. домаќинство со пет члена и повеќе до 30.000 денари

Заинтересираните лица ќе треба да испратат барање за искористување на финансиската поддршка, кое може да се обезбеди на интернет страната на Министерството за економија или да се подигне во архивата на ова министерство.

Покрај барањето, граѓаните ќе треба да достават изјава заверена на нотар со која се потврдува дека целокупната приложена документација кон барањето е точна и веродостојна, како и потврда од работодавецот за висината на исплатена плата во 2021 година или извештај од банка за уплатени пензиски примања од Фонд за ПИОМ (чек за пензиски примања) за висината на исплатената пензија во 2021 година и извод од банка за сите трансакциски сметки за 2021 година за подносителот и на членовите на домаќинството.

Воедно, треба да се поднесе и потврда од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија со која се докажува дека членовите на домаќинството не се вработени, доколку истите не се вработени и/или потврда од Фонд за ПИОМ дека членот на домаќинството не е примател на пензија, доказ за членовите на домаќинството на барателот во фотокопија (лична карта за полнолетни лица, извод од родени за малолетни лица, извод од венчани, потврда за развод или посмртница за член од домаќинството) и фотокопија од последната добиена сметка за 2021 година за потрошена електрична енергија во домаќинството.

Лицата со ниски примања кои живеат сами доставуваат изјава заверена на нотар со која потврдуваат дека живеат сами и со која се потврдува дека целокупната приложена документација кон барањето е точна и веродостојна.

Рокот за аплицирање по овој јавен оглас изнесува 30 дена сметано од денот на објавување на јавниот оглас.

Слични содржини