Роналдо: Не дојдов во Јунајтед да се борам за шесто или седмо место

од Vladimir Zorba
204 прегледи

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо изјави дека не дошол во клубот да се бори за шестото или седмото место на табелата и дека е недозволиво целите на Јунајтед да се нешто помали од пласманот меѓу првите три тима во Премиер лигата.

Јунајтед постигна разочарувачки резултати оваа сезона, па клубот го смени тренерот Оле Гунар Солскјер и во декември го донесе Ралф Рангник, кој беше назначен за привремен тренер.

Оттогаш, тимот оствари четири победи во седум натпревари, со само три примени гола, но по 19 кола во Премиер лигата и натаму е седми на табелата со 22 бода зад водечкиот Манчестер Сити.

Запрашан дали Јунајед може да се надева дека ќе ја намали разликата за првите четири тима, без да го подобри менталитетот на тимот, Роналдо одговори: „Невозможно, мислам дека тоа е главната работа. Не прифаќам нашиот менталитет да биде помал од тоа да бидеме меѓу првите три тима во Премиер лигата“, изјави Роналдо, пренесе Скај.

Манчестер Јунајтед загуби од Вулверхемптон на домашен терен на 3 јануари, а тогаш дефанзивецот Лук Шо изјави дека има впечаток дека на тој натпревар немало единство во тимот.

„За да изградите добри работи, понекогаш треба да уништите неколку работи. Зошто да не – нова година, нов живот и се надевам дека Манчестер Јунајтед може да биде на нивото на кое сакаат навивачите. Тие тоа го заслужуваат. Ние сме во состојба да ги промениме работите. Го знам патот, но нема да го спомнам овде бидејќи мислам дека не е етички да се каже тоа“, изјави Роналдо.

„Она што можам да го кажам е дека можеме подобро – сите ние. Манчестер е една од најважните работи. Не сакам да бидам овде на шесто или седмо или петто место. Јас сум тука за да победувам, да се натпреварувам. Мислам дека се натпреваруваме, но се уште не сме на најдоброто ниво. Но, ни претстои долг пат и верувам дека ако го промениме размислувањето, можеме да постигнеме големи работи“, додаде португалскиот фудбалер.

Роналдо изјави дека на Рангник му треба време да ги примени своите идеи на „Олд Трафорд“.

„Откако пристигна пред пет недели, промени многу работи. Но, му треба време и верувам дека ќе заврши добра работа. Знаеме дека не го играме најдобриот фудбал, но имаме многу натпревари за да напредуваме. Мислам дека сме подобри во некои работи откако тој дојде, но му треба време. Не е лесно да се смени менталитетот на играчите и начинот на игра, културата, системот. Верувам дека ќе заврши добра работа“, рече тој.

Тој изјави и дека тешко било заминувањето на Солскјер, со кого играше заедно во првиот мандат во Јунајтед.

„Не беше лесно. Го сменивме Оле, потоа (Мајкл) Керик беше привремен тренер, сега овој нов тренер. Секогаш е тешко кога толку многу менуваш. Секогаш е тажно и тешко. Оле играше со мене пред да стане тренер. Фантастична личност. Кога си замина сите беа тажни, но тоа е дел од фудбалот. Кога работите не одат како што сака клубот, клубот мора да се промени. Бев разочаран, но мораме да разбереме, беше тешко, но животот продолжува“, додаде тој.

„Ќе биде тешко, но се радувам на тоа. Мора да работиме напорно, да бидеме заедно како играчи. Знаеме дека не сме во најдобар момент, но верувам дека со напорна работа можеме да постигнеме важни работи, дури и оваа година“, изјави Роналдо.

Следниот натпревар во Премиер лигата на Јунајтед го игра в сабота во Бирмингем против Астон Вила.