Град Скопје денеска го именува Бојан Христовски за нов в.д. директор на ЈП „Градски Паркинг“, а тој се огласи на социјалните мрежи, порачувајќи им на своите блиски и познаници да не го бараат доколку нивниот автомобил биде блокиран со шепа или кренат од пајак.
-Пријатели, роднини, колеги и познананици, барајте ме за кафе или за дружење во секое време после работните обврски. Ве молам да не ми се јавувате доколку вашиот автомобил биде блокиран со шепа или кренат од пајак. Правилата и законите треба подеднакво да важат за сите, а особено за оние кои ми се мене блиски, тоа е она што ќе ви го кажам доколку побарате протекција. Јавно ги повикувам вработените во ЈП Градски Паркинг дека треба да стават шепа и на мојот автомобил доколку немам пратено СМС порака!, напиша Христовски на Фејсбук.
Досегашниот вработен во МВР упати огромна благодарност за довербата, за како што вели, „да го доведе во добра позиција ова претпријатие“.
-По долгогодишните голготи приредени од актуелната извршна власт и покрај бројните домашни и меѓународни признанија и обуки, ја напуштам службата и продолжувам да им служам на граѓаните како директор на најголемото претпријатие за паркинзи во државава, стои во Фејсбук статусот.
Од Град Скопје додадоа дека Христовски е магистер на науки на факултетот за безбедност, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, а во својата струка има поминато повеќе меѓународни обуки.